Нови правила за тргување на Македонската берза

54

berzaФото: Pixabay

Наместо досега применуваниот период на порамнување од три работни дена од денот на склучување на трансакцијата, според правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, се воведува период на порамнување од два работни дена од денот на склучување на трансакцијата, одлучи Комисијата за хартии од вредност на 130-тата седница со која претседаваше Елизабета Чингаровска.

На овој начин се очекува да се намали потребата од барање специјален ден на порамнување, да се динамизира тргувањето и да се зголеми ликвидноста на пазарот, да се овозможи побрз тек на парите на инвеститорите и пренос на хартиите од вредност. Исто така, воведувањето Т+2 е од особена важност за СЕЕ линк-платформата.

Ваквата корекција на правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје е во согласност со Законот за хартиите од вредност, кој го регулира времето на порамнување на трансакциите и нормира дека порамнувањето може да се врши веднаш, но не подоцна од три работни дена од денот на склучувањето на трансакцијата, се наведува во соопштението.

Со примената на ваков стандарден период на порамнување Т+2 македонскиот пазар на хартии од вредност ја следи праксата на порамнување што важи на европските регулирани пазари.