Нови Сад: Од отпад се прават лекови, здраво чоколадо, лижавчиња…

80

Фото: Pixabay

Јелена Владиќ од технолошкиот факултет во Нови Сад, заедно со група научници, работи на истражување на екстракција на биоактивни соединенија од лековити растенија, споредни производи од прехранбената индустрија и микроалги, пишува Блиц.

Според нејзе, голем број луѓе користат чаеви од лековити растенија, бидејќи очекуваат чаевите да покажат благотворно дејство врз организмот и да им помогнат доколку имаат некаков здравствен проблем. Благотворното дејство на овие растенија, како што наведува, се препишува на активните супстанци што се присутни во лековитите растенија.

“Производите што ги добиваме во нашата лабораторија најчесто се во форма на течни и суви екстракти. Како такви веќе претставуваат готов производ, но може да се инкорпорираат во други производи. Некои од готовите производи што ги добиваме се капки, тинктури, таблети, капсули, инстант чаеви. Меѓу најинтересните прехранбени производи што може да се збогатат со суви екстракти што ги развиваме се: бисквити и чоколади збогатени со екстракти од лековити растенија или микроалги, со што се зголемува внесот на антиоксиданси, лижавчиња со екстракти од лековити растенија што влијаат на смирување на кашлица или за зајакнување на имунитетот“, објаснува Владиќ.

Традиционалната постапка на екстракција што сè уште се применува за таа цел, најмногу во фармацевтската и прехранбената индустрија, подразбира употреба на токсични материи за растворање, долг период потребен за производство, голема потрошувачка на енергија, а многу често финалниот производ е со низок квалитет и мал принос.

“Нашата истражувачка група се занимава со примена на современа постапка на екстракција со којашто се надминуваат сите недостатоци од традиционалната постапка, со што добиените производи, односно екстракти или изолати се целосно безбедни за животната средина и за здравјето на луѓето“, додава таа.