Новогодишните аранжмани во охридските хотели речиси распродадени

12

Како што наближуваат новогодишните празниците, исполнетоста на хотелите се зголемува. Тоа се должи на одлуката каде да се минат празниците, која се носи во последен миг.

Кога станува збор за цените на хотелските аранжмани за новогодишните празници, тие се слични на минатогодишните и се движат од 99 до 160 евра.

Дочекот на Новата година во хотелите во Охрид ќе се движи околу 30 евра од лице.

Дел од угостителите во познатите охридски ресторани ќе работат според варијантата на отворен влез, со редовни цени на храната и пијалоците, слично како кафулињата и ноќните клубови.

Охрид е веќе подготвен и свечено украсен, особено централното градско подрачје, Плоштадот и Кејот на Охридското Езеро. Организран дочек на Новата година ќе има и на Градскиот плоштад. За расположението на оние што токму тука ќе ја дочекаат 2013 година ќе се погрижат уметници и естрадни личности од градот, како и традиционалниот новогодишнен огномет.

Најбројни и овојпат за новогодишните празници ќе бидат гостите од соседните земји од Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Грција, кои традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници поради добрата забава. Секако тука ќе бидат и домашните гости, но најголем број од нив ќе бидат оние кои имаат свои станови и куќи. Приватните издавачи на станови не очекуваат позначајна заработка за новогодишниот период.