Обезбедени 35 милиони денари поддршка за извоз на флаширано вино и земјоделски преработки

27

Владата обезбеди нови 35 милиони денари финансиска поддршка за винариите и земјоделските преработувачки претпријатија кои ќе ги искористат за зголемување на квалитетот на производот и на извозот на флаширано вино и на земјоделски производи во амбалажа. Програмата се спроведува неколку години. Има позитивно влијание и за компаниите и за девизниот прилив и придонесува за континуиран раст на извозот.

“Фокусот е зголемување на квалитетот на земјоделските производи, пред сè во инвестиции во покривање на трошоците што ги прават домашните компании во поглед на изработка на амбалажата. На тој начин ќе се влијае на тој степен на додадена вредност кој обезбедува и повисок профит за самите компании, бидејќи амбалажираниот производ има повисока цена на пазарите во странските земји, а да се мотивира и развој на технологијата на производство на компаниите што ќе има ефект и на останатите сектори што се поврзани со земјоделското производство“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, јавува Миа.

Ѓорѓиев истакна дека винариите ќе добијат финансиска поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на флашираното вино за извоз до 20% од вкупната вредност на направени трошоци за амбалажа на извезено флаширано вино, односно до 6 денари по извезено шише вино. Во фокусот ќе бидат и земјоделските компании, каде помошта за трошоци за амбалажа на извезен преработен земјоделски производ се однесува на производи од конзервната индустрија кои се извезуваат во стаклена амбалажа. Помошта ќе се исплаќа во висина до најмногу 4 денари по килограм извезен производ и е наменета да покрие дел од трошоците за стаклена амбалажа, капак, етикети и друго.

За финансиска поддршка на огласите што е предвидено да се објават, може да се пријават сите домашни земјоделски компании кои планираат да ги продадат своите производи на странските пазари.

Во 2012 и 2013 година финансиската поддршка за виното изнесувала 38,7 милиони денари. Пласирани се средства кон 25 домашни винарии и поддржани се над 16 милиони шишиња флаширано вино.