Објавен повикот за поддршка на традиционалното овчарство

21

Јавен повик за доставување барања за користење средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, за мерката Помош за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики, е објавен денеска и ќе трае до 30 ноември 2015 година, пишува Миа.

Финансиската поддршка се исплаќа за надомест на трошоци за одржување висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално овчарство во висина од 80% од просечна месечна бруто плата во дејноста од период 01.11.2014 до 31.10.2015 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасиште (вклучително и ливади) кое се наоѓа во населени места со надморска височина поголема од 700 метри или 40% за одгледувалишта регистрирани во населени места под 700 метри надморска височина.

Поддршката е неповратна, а се доделува во сооднос едно вработено лице на 150 овци, едно вработено лице на 50 кози и едно вработено лице на 80 говеда.

Право на користење на средства имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Детални информации заинтересираните можат да добијат во контакт центарот на Агенцијата на телефонот (02) 3097-460 или на електронската адреса ipardpa.info@ipardpa.gov.mk и на веб-страницата www.ipardpa.gov.mk.