Објавен вториот повик на Фондот за иновации

18

fond-za-inovacii-i-tehnoloski-razvoj

Вкупно 1,3 милиони евра е буџетот, со кој преку кофинансирани грантови, Фондот за иновации и технолошки развој ќе поддржи проекти на компаниите, пишува Миа.

Со вториот повик за финансирање предлог проекти што Фондот го објави вчера, вкупниот буџет е распределен на три инструменти. Заинтересираните компании може да аплицираат до 21 следниот месец.

“Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва, старт – ап и спин – оф компании ќе се доделуваат до 30.000 евра по проект, а вкупниот буџет за тој инструмент изнесува 300.000 евра. До 100.000 евра по проект ќе се доделуваат кофинансирани грантови и условни заеми за комерцијализација на иновации, за кој инструмент на располагање се 600.000 евра. Кофинансирани грантови за трансфер на технологии Фондот за иновации ќе додели до 200.000 евра по проект. Вкупниот буџет по тој основ изнесува 400.000 евра“, рече вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Разликата од првиот повик кој беше отворен за старт – ап претпријатијата кои постојат најмногу до 6 години, според Пешевски, е тоа што на овој повик има можност да аплицираат и позрели претпријатија бидејќи преку инструментот за комерцијализација на иновации се финансираат поголеми проекти во понапредна фаза.

Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој, истакна дека условите кај старт – ап инструментот  и инструментот за комерцијализација на иновации се слични.

“Кај предлог проектите за двата инструменти ќе се оценува иновативноста, тимот кој ќе го имплементира проектот, квалитетот на предлог апликацијата и секако влијанието што  ќе го имаат врз околината и бизнисот. За двата инструменти може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија кои имаат иновативни предлог – проекти со таа разлика што кај старт ап  инструментот треба претпријатијата да не постојат подолго од шест години, додека кај комерцијализација на иновации може да аплицираат и позрели компании“, рече Поповска.