Обрасците м1 и м2 за само неколку минути преку порталот за е – услуги

10768

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, на денешната прес конференција ги претставија електронските услуги што Агенцијата за вработување ги нуди на порталот за е-услуги, uslugi.gov.mk.

Министерот Манчевски презентираше како за само неколку минути може да се добие образец м1 и м2 од пријава и одјава во задолжително социјално осигурување.

Останатите услуги кои се достапни на порталот uslugi.gov.mk, а се во надлежност на Агенцијата за вработување се: историјат на работни односи, потврда за евидентирано друго лице кое бара работа, потврда за евидентирано невработено лице, пријава и одјава во задолжително социјално осигурување и пријава за потреба од работник.

Дополнително, како што посочи министерот Манчевски, на порталот можат да се добијат информации за 744 услуги со сите податоци околу постапката за нивно издавање, потребните документи, време за издавање и процедура за жалба доколку има некаков проблем. На овој начин повеќе граѓаните нема да се соочуваат со ситуации каде повеќе различни институции, кажуваат различни информации за тоа што се е потребно да се добие една услуга.

Директорката Јовановска, се осврна на тоа како со порталот за е-услуги се олеснува работата и на вработените и се намалуваат редовите за чекање на шалтерите во Агенцијата за вработување.

“Ќе настојуваме во иднина да се овозможат и други услуги да се добиваат електронски. Прво би сакале на работодавачите да им овозможиме подигнување на списоци на вработените лица кои што тие ги имаат во нивните фирми, како и издавање на потврди за нивните вработени. Исто така, работиме на тоа целосната реализација на активните мерки за вработување да се одвива електронски. На овој начин ќе ја зголемиме и транспарентноста и довербата во процесот на поднесување на барања и вршењето на селекција“, истакна Јовановска.