Обука на земјоделците за штетното влијание на климатските промени врз земјоделските култури

17

Подигнување на свеста кај земјоделскиот сектор за штетното влијание на климатските промени врз земјоделските култури е целта на настанот што денеска ќе се одржи во овоштарник со круши во село Младо Нагоричане, кумановско, во организација на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.

Земјоделците и советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе имаат можност да добијат информации и обука како да се справат со проблемите што климатските промени ги предизвикуваат кај овошните култури и да го зачуваат приносот.

Во овоштарникот проектот на УСАИД има поставено опитно поле каде беа аплицирани и тестирани неколку мерки за адаптација кон климатските промени како УВ заштитни мрежи, материјал за мулчирање, затревување на насадите со покровни култури, различни препарати за заштита од сончеви изгоретини, детална програма за залевање и фертиригација…

Мрежата за рурален развој на Република Македонија започна да го спроведува проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени во аплрил 2012 година со цел да ги намали негативните ефекти од климатските промени во земјоделскиот сектор. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско.