Обуки за воспоставување подземен катастар

48

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески, на денешната обука што се спроведува за воспоставување на подземниот катастар пред претставници на приватни компании, јавни претпријатија, општини и геодетски фирми упати апел до сопствениците на инфраструктурни објекти.

Имено како што изјави, сопствениците треба навреме да ги достават податоците за подземните и надземните инсталации заради воспоставување на подземниот катастар, а геодетските фирми што ќе ги вршат мерењата што поскоро да ја набават потребната опрема.

“Обврската на сите иматели на инфраструктурни објекти е до април сите податоци што ги имаат во нивните бази да ги достават до Агенцијата за катастар на недвижности за да бидат евидентирани. Законската обврска за добивање имотен лист е пет години од донесувањето на законот, односно до 2018 година”, изјави Трпески, додавајќи дека за да се  воспостави катастарот неопходно е што поскоро да почне премерот затоа што ќе треба да бидат опфатени милиони километри инфраструктура.

Од Комората на трговски друштва за геодетски работи велат дека биле вклучени уште во активностите за подготовка на целиот проект и се запознаени што треба да се преземе. Во Македонија работат 130 трговски друштва со лиценца за геодетски снимања, а според раководството на комората, има доволно стручен кадар за да се спроведе проектот.

Во завршна фаза е подготовката на тарифникот врз основа на кој ќе се утврдат цените по кои геодетските фирми ќе наплаќаат за премерите на сопствениците на инфраструктурните објекти, што го подготвува Комората, а треба да го усвои Агенцијата за катастар на недвижности.

“Трговските друштва за геодетски работи поседуваат стручен кадар, а моментно интензивно се работи на наоѓање производители на опремата -скенери за подземни снимања. Апелирам до геодетските фирми час поскоро да ја набават опремата во рамки на своите можности бидејќи, сепак, постои различна опрема од овој тип, како по квалитет, така и по цена. Имателите на инфраструктурните објекти, пак, треба да ги достават своите податоци до Катастарот заради евидентирање на објектите, а потоа да склучат договори со геодетските фирми”, изјави претседателот на Комората Борис Тунџев.

Со проектот за воспоставување подземен катастар се опфатени сите општини, телекомуникациски и енергетски компании, патиштата,.. односно сите субјекти што управуваат со инфраструктурни објекти.

Општинските претставници присутни на обуката оценија дека воспоставувањето на подземниот катастар им е голем интерес бидејќи се најголеми инвеститори во подрачјата што ги покриваат. Како што велат, поради немањето податоци за подземните инсталации трошоците многу им се зголемувале.