Од 16.200 до 85.600 евра: Колкави се разликите во просечните годишни плати во ЕУ?

Растот на платите е еден од најважните индикатори за економскиот стандард, но повисоките приходи не мора да значат поголема финансиска сигурност. Колку вработените навистина можат да издвојат за секојдневниот живот зависи и од движењата на цените на домувањето, храната и другите основни трошоци.

Најновите податоци за платите во Европската унија (ЕУ) покажуваат големи разлики меѓу земјите, а Хрватска, и покрај релативно силниот раст на приходите, сè уште се соочува со предизвикот да ги усогласи со трошоците за живот.

Просечната годишна прилагодена плата за работа со полно работно време во ЕУ минатата година изнесуваше 41.500 евра, што претставува зголемување од 4,3 проценти во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 39.800 евра, според податоците на Евростат.

Според тоа, просечната месечна плата за работа со полно работно време во ЕУ изнесуваше околу 3.458 евра во 2025 година, а 3.317 евра претходната година.

Меѓу земјите од ЕУ, највисока просечна годишна прилагодена плата за работа со полно работно време е забележана во Луксембург, 85.600 евра. Ова значи дека просечната месечна плата во таа земја изнесувала 7.133 евра.

На второ место е Данска со плата од 73.500 евра, а на трето место е Ирска со 64.400 евра.

Од друга страна, најниска просечна годишна плата за работа со полно работно време е забележана во Бугарија, 16.200 евра. Според тоа, просечната месечна плата изнесуваше околу 1.350 евра.

По Бугарија, според статистичарите, следуваат Грција и Унгарија со плати од 18.800 и 20.100 евра, соодветно.

Податоците покажуваат значителни разлики меѓу членките на Европската Унија. Така, просечната годишна прилагодена плата во Луксембург, кој го предводи рангирањето, била повеќе од пет пати повисока отколку во Бугарија, која е на дното.

Кога станува збор за Хрватска, просечната прилагодена плата по вработен со полно работно време во 2025 година изнесувала 26.933 евра, според податоците од веб-страницата „Forecst Economy“. Ова е раст од 9,2 проценти во споредба со претходната година и за дури 91,7 проценти во последните 10 години.

Така, просечната месечна плата за вработен со полно работно време во Хрватска минатата година изнесувала околу 2.244 евра.

И покрај зголемувањето на платите, Хрватска е сè уште значително под европскиот просек. Просечната годишна прилагодена плата со полно работно време беше околу 35 проценти пониска од просекот на ЕУ во 2025 година, што е разлика од 14.567 евра на годишна основа.

Исто така, важно е да се напомене дека растот на платите треба да се гледа во контекст на трошоците за живот, кои во одредени категории во Хрватска пораснаа значително побрзо отколку во остатокот од ЕУ.

Кирините се особено значајни, кои во 2025 година во Хрватска се зголемија за 17,6 проценти, додека просечниот раст на ниво на ЕУ изнесуваше 3,1 процент. Хрватска со тоа забележа најголемо зголемување на кириите меѓу членките на ЕУ, како што пренесува Еуроњуз.

А цените на храната пораснаа побрзо од европскиот просек. Според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени на Евростат, храната и безалкохолните пијалоци во Хрватска пораснаа за 5,3 проценти во 2025 година, додека на ниво на ЕУ растот изнесуваше 3,2 проценти.