Од денеска се укинуваат хартиените билети за 10 возења во ЈСП

70

Од денеска се укинуваат хартиените билети за 10 возења во градскиот јавен автобуски превоз, јавува Миа.

Хартиените билети за едно возење, купени кај возачот, остануваат во употреба. Останатите билети ќе бидат впишувани во електронските персонализирани и неперсонализирани картички.

Системот за електронската наплата е воведен во ЈСП Скопје уште од август 2015 година, кога прво беа воведени билетите за бесплатен превоз на повозрасната група на граѓани (над 62 години за жени, односно над 64 години за мажи) и бесплатните билети за учениците од основните и средните училишта.

Како што информира ЈСП Скопје, од август 2015 до 31 декември 2015 година беше тест период, во којшто беа воочувани одредени мали технички проблеми, кои успешно беа решени.

Од први јануари 2016 година во употреба беа пуштени и неперсонализираните картички, како и бесплатните студентски билети. Овој систем стартуваше паралелно со стариот систем на употреба на хартиените билети за 10 возења и оние за едно возење, купени кај возачот.

Досега се издадени 131.604 персонализирани картички, односно 15.891 неперсонализирана картичка. Самите картички чинат 150 денари за неперсонализираната, која содржи две гратис возења и 200 денари за персонализираната, без впишување на билет. Со следното надополнување, граѓанинот не ја плаќа повторно картичка, туку само ја надополнува со парични средства.

Со валидирање на картичката, самиот валидатор покажува уште колку средства се останати, односно уште колку возења може да се остварат (во зависност од типот на билет). Износот кој може да се надополни на билетите се движи од 100 до 6.000 денари.

Месечните, тримесечните, шестмесечните и годишните билети се впишуваат исклучиво на персонализираните картички, додека надополнување со средства и купување на сите останати билети, може да се направи на двата типа картички. Картичките задолжително треба да се валидираат на валидаторите, без разлика дали станува збор за бесплатен студентски, ученички или билет за возрасната категорија на граѓани.

Услугите на бесплатните билети за возрасната група на граѓани (над 62 години за жени и 64 за мажи) можат да ја користат жителите на Скопје, со вадење персонализирана картичка.

Услугите на бесплатни билети за студенти можат да ги користат исклучиво редовните студенти од државните универзитети, кои имаат студии во Скопје. За добивање на овој билет, студентите се должни да достават потврда за редовен студент од матичниот факултет, да понесат индекс и лична карта и да ги поднесат во најблискиот Центар за персонализација.

Овозможено е плаќање билет со мобилен телефон, т.е. со повикување на бројот 185 од било кој телефонски апарат, без оглед на оперативниот систем во него. Со доближување на мобилниот телефон до валидаторот, корисникот има можност за плаќање на билетот.