Од февруари електронски билет за автобуски превоз

20

avtobus1Oд февруари следната година автобуските билетите ќе се издаваат по електронски пат.

Ова го најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прелиминарна електронска распределба на возни линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници.

Како што посочи министерот електронското издавање билети е обврска на сите автобуски станици, а во спротивно ќе ги изгубат лиценците.

“Граѓаните ќе може од дома да букираат електронски билети исто како и авионските”, рече Јанакиески.

До крајот на годината ќе биде изработена и мобилна апликација со која ќе се следат линиите, односно кој дестинациите и времето на сообраќање на превозниците.

Годинава превозниците доставиле 458 апликации, односно 102 повеќе во однос на лани. За меѓуопштинските возни редови се доставени 231 апликација за нови линии и 13 за промена на постоечки, а кај меѓународните 212 апликации и две за промена. Превозниците што се најдоа на прелиминарната листа во наредните 10 дена ќе добијат решенија, по што ќе следи и официјалната распределба на линиите.

“Со новините во возните редови, за градовите во близина на Скопје, односно Куманово, Тетово и Велес во периодот од 6 до 8 часот разликата помеѓу две појдовни линии од 20 минути е намалена на 10 минути. Исто намалување има и во обратен правец”, информира Јанакиески.

Jанакиески истакна дека има драстично намалување на сивата економија во автобускиот превоз.

“Како дел од активностите за сузбивање на нелегалните превозници, во последната година времено се одземени 250 возила, а трајно 55”, информира Јанакиески.

Досега Министерството издало 4.553 лиценци за вршење превоз во патниот сообараќај, од кои 615 за јавен превоз на патници, 203 за вршење превоз за сопствени потреби на патници, 2.600 за јавен превоз на стока и 1.135 за вршење превоз на стока за сопствени потреби.