Oд флегма може да научите важни лекции

352

Флегматичните луѓе ги красат особини како што се смиреност, сталоженост, толерантност склоност кон интровертност, пасивност, грижливост… Иако делуваат како луѓе кои не покажуваат емоции, често ги сметаат за рамнодушни, сепак ако во ваша близина имате луѓе од ваков “ков“, тогаш може да научите многу важни работи.

Мудро молчи

Не мора секогаш да бидете тие што постојано зборуваат за време на состаноците. Од флегматичните луѓе може да научите да молчите, бидејќи во некои ситуации тоа е многу подобро. Наместо да доминирате и вниманието секогаш да го вртите кон себе, обидете мудро да молчите и да го кажете својот став кога за тоа ќе дојде вистинско време.

Диши длабоко

Иако бизнис светот се движи со молскавична брзина и немате секогаш време да ги премерувате работите и донесете одлуки, сепак земете длабоко воздух и полека издишувајте. Така ќе се смирите и ќе се сконцентрирате на работата многу повеќе одошто еуфорично да “истрчате“ без да ги забележите и важните детали.

Тренирајте толеранција

Секој од нас има свој праг на толеранција, што ако некој го премине ќе треба да се соочи со последиците. Но, не мора секогаш да бидете на “нож“ со колегите, соработниците, роковите за извршување на задачите… Напротив, покажете поголема толеранција особено ако имате колеги што се бавни во извршување на задачите. Помогнете им подобро да се организираат, да стекнат поголема самодоверба и веднаш очекувајте го позитивниот фидбек. Наместо да го губите времето во расправии, покажете доблест, бидете толерантни и смирени.

Почит кон себе и кон другите

Во работата важна е (само)довербата, бидејќи таа ќе ви помогне да се ослободите од сите сомнежи дека на крајот нешто ќе заврши наопаку. Затоа, научете да се почитувате себе, своите квалитети и капацитети, а истото да важи и за колегите и соработниците. Со взаемно почитување и разбирање ќе постигнете многу повеќе и ќе достигнете многу поголеми цели.

Фото: Freepik