Од индустриските зелени зони придобивки и за општините и за компаниите

40

zelsНовиот закон за индустриски зелени зони овозможува формирање на индустриски и зелени зони во единиците на локална самоуправа со основна цел да се забрза економскиот развој на општината со привлекување странски и домашен капитал. Од него придобивки ќе имаат и општините, но и компаниите, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по средбата со претставници од ЗЕЛС.

Тој посочи дека општините со новиот закон ќе добијат можност за самостојно менаџирање и располагање со земјиштето, за економски раст и развој на локалната самоуправа и за зголемување на бројот на нови работни места.

Деловните субјекти, градежното земјиште, кое е предмет на оттуѓување во општините ќе го добијат по почетна цена од едно евро за метар квадратен во денарска противвредност.

“Во законот е предвидено основање на зелени зони чија намена е преработка на органска храна и производство на електрична енергија од обновливи извори”, додаде Сарачини.

Апелираше градоначалниците веднаш да ја почнат процедурата за формирање на индустриски-зелени зони, сами или здружени со некоја соседна општина и да формираат јавни претпријатија кои ќе ги изградат зоните, ќе ги одржуваат, ќе управуваат со нив и ќе ги понудат на потенцијалните домашни или странски инвеститори. Како успешен пример на функционирање на индустриска зона ја посочи општина Илинден.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на град Скопје Трајановски, истакна дека е добро што имаат можност да го разгледаат законот уште пред неговото донесување и секоја општина посебно да даде забелешки и мислења за да биде поефикасен. Со новиот закон, како што рече, општините добиваат уште една можност да го дадат својот придонес во забрзувањето на развојот на локалната економија и стопанството на целата земја. Тој прецизираше дека во зелените зони ќе можат да се вршат дејности од лесна и незагадувачка индустрија, како што се производство на органска храна, на електрична енергија од обновливи извори и производство на база на рециклирање на материјали.

Инвеститорите, посочи, ќе добијат можност за инвестиции во нови области каде на транспарентен начин, преку електронска аукција може да си обезбедат земјиште кое е опремено со целата потребна инфраструктура.