Од пет гасоводи кои носат руски гас во Европа, само еден е во функција

64

На Европа и треба руски гас, а добива се помалку од него, што деновиве предизвика голема загриженост.

Имено, српскиот експерт за енергетика Милош Здравковиќ во авторски текст за порталот Енергија Балкана изјавил дека од петте гасоводи кои носат природен гас од Русија во Европа, моментално е во функција само Турски тек.

Тој прецизираше дека Северен тек 1, со капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, од 11 јули е на ремонт, најголемиот гасовод Братство, со капацитет од 140 милијарди кубни метри годишно, кој минува низ Украина е затворен од мај, гасоводот Јамал-Европа низ Белорусија и Украина се користи за транспорт на гас од складиштето во Германија до Полска, а новиот гасовод Северен тек 2 со капацитет од 55 милијарди кубни метри не работи, бидејќи Германија не му даде потребни дозволи.

Здравковиќ посочува дека во моментов гасот од Русија до Европа пристигнува само преку Турски тек, кој има две цевки, двете со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри годишно, од кои едната служи само за снабдување на Турција, а другата води преку Бугарија до Србија и Унгарија.

„Кога сето ова ќе го собереме и ќе го одземеме, излегува дека веќе нема руски гас што оди во Европа“, оценува Здравковиќ.

Тој потсети дека Северен тек 1 е затворен од 11 јули поради редовен годишен ремонт и дека Русите најавиле дека ремонтот ќе трае 10 дена, но оценил дека може да се случи тој да трае подолго поради моменталната тензична ситуација во Европа и фактот дека изворите на енергија се користат како оружје.

Здравковиќ потсетува дека претходно кон средината на јуни Газпром го намали капацитетот на Северен тек 1 за 60 отсто, оправдувајќи го тоа со ремонт на цевката со која се транспортира гас од Русија до Германија, Белгија, Франција и Велика Британија.

Турбината беше ремонтирана во фабриката Сименс во Канада, која потоа ја задржа оваа опрема под изговор дека не сака да ги прекрши западните санкции против Русија, но на барање на германскиот канцелар Олаф Шолц, сепак се согласи да ја врати.

Здравковиќ пишува дека во интервју за Блумберг германскиот министер за економија Роберт Хабек изразил сомнеж за руските наводи, велејќи дека тоа е само изговор и дека е убеден дека Гаспром има резервни турбини.

„Германската влада се плаши дека Москва ќе ги користи турбините како изговор за на неодредено време да го оневозможи гасот на Германија и Европа да минува низ Северен тек 1. Турбината Северен тек 1 е ризик од пресврт. Се заканува да ги повлече сите санкции, да го наруши и онака кревкото европско единство“, пишува Здравковиќ.