Од први јануари започнува користењето на електронските картички, како и функционирањето на системот за автоматска локација (AVL – automatic vehicle location) во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), информираат од Град Скопје.
Електронските картички во приватните автобуси ќе почнат да се користат од први мај следната година.
“Досега целосно е инсталирана опремата во 377 автобуси на ЈСП Скопје која вклучува ГПС, ВЦУ (контролна единица), валидатор, фискален апарат, аудио известувања, внатрешни дисплеи во автобусите, а поставени се и инсталациите за втор валидатор“, се вели во соопштението.
Најавуваниот старт на интегрираниот тарифен систем, како што се наведува, ќе биде одложен од причина што предвидената бројка од 500 автобуси кои ќе сообраќаат во градскиот превоз се зголеми за дополнителни околу 130 возила по завршувањето на огласот на кој аплицираа приватните превозници.
“Опремата која се вградува во автобусите не е во сериско производство и истата се изработува исклучиво за потребите на градскиот јавен превоз во градот Скопје, а времето за изработка и достава на истата во зависност од опремата е од два до четири месеци“, стои во соопштението.
Од Град Скопје велат дека имало задоцнување на дел од приградските општини за потпишување на Договорот за вршење јавен превоз со Градот Скопје.