Од што се плашат претприемачите

148

За да успеете како претприемач, треба да прифатите дека стравот постои, да најдете начин да му пристапите и да го надминете, за тоа чувство да не ја преземе контролата на вашиот живот.

Во прилог се пет општи стравови, како и техники за нивно надминување, што секој претприемач треба да ги совлада за да успее неговиот бизнис, пишува Entrepreneur.

Страв од неуспех

Стравот од неуспех е една од најчестите фобии, особено помеѓу новите и амбициозни претприемачи. Всушност, 33% од Американците признаваат дека стравот од неуспех не им дозволува да основаат сопствен бизнис. Но и покрај чувството на конечност поврзано со овој вид страв, неуспехот не е спротивен од успехот. Неуспехот е основен дел на успехот.

Безброј успешни луѓе и бизниси се соочиле со еден тон неуспех на нивниот пат до успехот. Dyson создаде 5,126 неуспешни прототипи пред конечно да ја смисли правосмукалката што не користи хартиена кеса. Абрахам Линколн ја изгубил трката за Сенатот во 1858 год. Мајкл Џордан не успеал да влезе во кошаркарскиот тим во неговото средно училиште првиот пат кога се обидел да стане дел од екипата. Неуспевањето не значи дека и вие сте неуспех. Откажувањето значи дека не сте успеале.

Всушност, неуспевањето на крајот од денот може да биде токму тоа нешто што ќе ве подготви за патот до успехот. Истражувањата покажуваат дека минатите неуспеси овозможуваат два пати повеќе шанси да се успее во иднина. Одново согледајте ги вашите неуспеси во светлото на тој факт – не е дека не сте успеале, едноставно сте се направиле себеси двапати поспособни за успех!

Запрашајте се: ако се движам напред со можна прилика, кое е најлошото сценарио што може да се случи ако не успеам? Ќе можете ли да живеете со тоа сознание? Дали животот ќе продолжи? Затоа почнете да го сфаќате вашиот неуспех како шанса да учите и растете.

Страв од несигурност

Отпор на промена е природен импулс. Склони сме да го прифатиме она што е најлесно и најудобно. Знаете – ако останете на вашата здодевна, непросперитетна работа, барем знаете како ќе ви изгледа секојдневието. Ако останете во вашиот неуреден стан, барем нема да треба да ги пакувате работите. Ако останете во лоша врска, барем нема да бидете сами.

За да работите тргнат на подобро, ќе мора да се променат.

Стравот од непознатото е многу чест. Но непознатото е непознато додека не го дознаете, а единствениот начин да го дознаете е да се движите нанапред и да го откриете. Преземајте ризици и движете се нанапред со самодоверба, верувајте си себеси дека ќе сфатите како функционираат нештата по пат, пренесува Womeninadria.mk.

Страв од отфрленост

На некое ниво, секој претприемач барем еднаш бил исплашен од можноста да биде отфрлен. Кога се подготвувате да претставите идеја пред инвеститори, можеби се грижите дека низ смеа ќе ви ја покажат вратата за надвор од просторијата. Кога се подготвувате да прашате совет од познаник за започнување сопствен бизнис, можеби ќе чувствувате нервоза поради можноста да ви каже дека вашата идеја е глупава и дека воопшто не треба да се обидувате.
Кога се обидувате да го продадете производот или услугата на вашите клиенти, можеби ќе ви биде страв дека никој нема да купи од вас.

Во секое од овие сценарија, најлошото нешто што може да се случи е да ве отфрлат и да ви кажат “не“. Поради некоја причина тоа може да делува многу страшно во моментот.

Во бизнисот, исто така ќе се соочите со одбивање.

Не треба секој да ви каже “да“. Ви требаат единствено вистинските луѓе да ви кажат “да“.

Страв дека не сте доволно добри

Понекогаш, најтешката личност која треба да се задоволи не е инвеститор или клиент или партнер или родител.

Тоа сте вие.

Огромен број претприемачи се борат со верувањето дека не се доволно добри да започнат бизнис, да бидат успешни, па дури и да најдат среќа. Дури и кога искусуваат успех, се чувствуваат како да не го заслужуваат.

За да го надминете овој страв, препорачливо е:

  • Да инвестирате во врски: најдете ментори, колеги, и пријатели кои го гледаат вашиот потенцијал јасно и искрено веруваат дека заслужувате да бидете таму каде што сте. Нивната верба во вас ќе ви помогне да пронајдете доволно самодоверба да ги следите вашите сништа.
  • Совладајте ги сопствените емоции: стравот и сомнежот во нас самите се чувствуваат како да се факти, но во суштина тие се само емоции што се толку моќни колку што им дозволуваме да бидат. Прифатете ги овие чувства такви какви што се и обидете се да не им дозволите да ви ја искриват сликата на реалноста. Учењето како да го препознаете стравот ќе ви помогне да го совладате.
  • Престанете да се споредувате себеси: прифатете го она што ве прави различни и сконцентрирајте се на тоа да станете најдобра верзија од себе. Секој има специјални таленти – клучното е да ги најдете вашите и да го работите тоа во што сте добри.

Страв од успех

Можеби мислите дека не се плашите од успех, но всушност овој вид на страв е многу почест отколку што мислиме.

Како што се движите нанапред, соочени сте со секаков вид нови предизвици со кои претходно не сте се сретнале. Сите останати стравови за кои пишувавме погоре ќе станат поголеми како што се зголемуваат влоговите. Се грижиме за она што ќе биде различно во нашите животи ако вистински успееме.

Верувајте си себеси дека ќе можете да се исправите пред таквата ситуација, исто како во минатото кога сте работеле на развивањето на бизнисот. Создадете тим од силни лица на кои можете да се потпрете или да учите од нив.

Фото: Freepik