Одбележан Светскиот ден на предвремено родени бебиња

18

50ab9875-e4a9-42f9-80fb-3a43c700d3c8

Клиниката за детски болести Скопје преку кампањата Шанса за живот иницирана од компанијата ОКТА вчера го одбележа Светскиот ден на предвремено родени бебиња, 17 ноември. По тој повод, околу триесет деца, некогашни пациенти на Клиниката за детски болести, заедно со нивните родители беа специјални гости на настанот организиран во Cineplexx. Децата имаа можност да се забавуваат, да цртаат, бојат, се дружат меѓусебно и потоа го гледаа најновиот долгометражен цртан филм, Снупи и Чарли Браун.

„Децата родени со компликации и предвремено родените бебиња поминуваат еден нетипичен процес на адаптација и тоа на нив може да остави извесни последици. Токму затоа и заради нашата постојана грижа за овие деца, ја поттикнавме оваа иницијатива, создавање на место и можност за дружење и каде може да бидат дел од еден интерактивен социјален концепт. Треба сите да разбереме дека моментите за размена на искуства и доживувања се бесценети во процесот на опоравување кој може да трае со години“, изјави Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести Скопје.

На Одделот за педијатриска интензивна нега и терапија се примаат деца од новороденечка возраст до адолесценција. Годишно на одделот се хоспитализираат 350-400 пациенти, од кои 85% се новородени, половината од нив се родени предвреме. Кампањата Шанса за живот го поттикна прашањето за состојбите на ова одделение и во голема мера придонесе за подобрување на состојбата на одделението и зголемување на неговите капацитети.

„Задоволство е да се види дека кампањата Шанса за живот, продолжува да ги обединува компаниите, институциите и семејствата, со цел подобрување на условите на Клиниката за детски болести, преку обезбедување на модерна и функционална опрема. Со одбележувањето на овој ден, сакаме заеднички да испратиме порака дека сè уште постојат мали борци на кои им е потребна помош за да ја извојуваат својата прва битка во животот“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.

На настанот присутен беше и новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, Вилем Воутер Пломп, а своја поддршка за настанот и кампањата дадоа и Бебелан, компанија за бебешки и детски премиум производи, Бимек, центар за медицинска опрема, како и издавачката куќа Просветно дело и Еду Мак.

Во 2013 година просечно на месечно ниво на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести биле згрижени 3 до 4 предвремено родени бебиња, во 2014 бројот е зголемен за некаде 50% и сега во просек има 6 до 7 бебиња месечно. Во последните години постои светски тренд на пораст на бројот на предвремено родени деца кој е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што сè поголем е бројот на прворотки на возраст постари од 35 години, како и на примената на ин витро оплодувањето кое често резултира со близначка бременост која сама по себе е многу ризична и голем дел од овие бебиња се предвреме родени.