Одделот за интензивна нега од Детската клиника ја доби првата донација од ОКТА

3

Donacija_Sansa za zivot_2

Пулсоскиметри, аспиратори и перфусори се ставени во функција на Одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести. Со ова е комплетирана првата фаза од кампањата Шанса за живот чиј иницијатор е компанијата ОКТА.

“Ова е првиот дел од донацијата на ОКТА. Паралелно со тоа продолжуваме да ја подигаме свесноста за целта како и донациите од граѓаните, организациите и компаниите. Веќе ја имаме поддршката на повеќе од 9.000 граѓани кои не следат на социјалните мрежи и добивме донации од неколку стотина граѓани. Убеден сум дека до крајот на годината ќе имаме собрано значителни средства. Заедно со донацијата на ОКТА, кампањата ќе има огромно влијание врз добросостојбата на бебињата и работата на докторите во интензивното одделение. Лично многу сум задоволен од одѕивот на граѓаните и истовремено многу горд од тоа како нашата кампања се развива“, изјави Виктор Папаконстантину, главен извршен директор на ОКТА.

Шанса за живот е кампања на ОКТА за обезбедување на опрема за Интензивното одделение на Детската клиника која ќе трае до крајот на годината. Бројот на новороденчиња со компликации се зголемува, а капацитетот на одделот останува ист, предизвикувајќи проблеми на докторите кои со голема посветеност работат таму. Интензивното одделение има потреба од значителна инвестиција којашто во моментов Клиниката за Детски болести не може да ја обезбеди сама.

“Мора да најдеме начин на секое бебе да му ја пружиме потребната помош и медицинска нега. Оваа донација од ОКТА е од исклучително значење. Нашите потреби се големи. Се надеваме дека овој чекор на ОКТА ќе го следат и други компании и дека ќе добиеме поддршка од поголем број на граѓани“, изјави Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје.

Досега, кон оваа иницијатива се приклучија многу познати личности од сите сфери од јавниот живот кои ја дадоа својата поддршка со купување на симболот на кампањата – алката Шанса за живот. Алките се достапни на повеќе локации во Скопје и на бензинските пумпи на ОКТА, по симболична цена. За кампањата се донира и преку точење гориво од бензинските пумпи на ОКТА.

Средствата собрани од кампањата ќе бидат искористени за да се набави нова апаратура за Одделот за интензивна нега, вклучувајќи нови инкубатори, како и за сервисирање на останатите апарати.