Фото: Pixabay
Прашање: Работев во една компанија 10 месеци и ме отпуштија од работа. Дали имам право на К15?
Одговор: Доколку од вкупните 10 месеци во 2016 година сте работеле минимум 6 месеци, имате право на користење на К15.
Прашање: Од почетокот на декември оваа година имам престанок на работен однос со согласност. Претходно работев шест години во иста фирма. Дали имам право на К15?
Одговор: Бидејќи за 2016 година сте работеле во компанијата повеќе од 6 месеци непрекинато, ви следува К15 во согласност со одлуката на компанијата за износот на исплата на регрес.
Прашање: Вработен на пола работно време од 01.01.2016 до 09.02.2016 и 10.02.2016 до 31.07.2016 на цело работно време. Од 15.08.2016 заснован е работен однос во друга фирма. Дали за овој период ми следува регрес за годишен одмор?
Одговор: Ви следува исплата на регрес за 2016 година и тоа од првата компанија во која што сте работеле заклучно со 31.07.2016 година.
Прашање: Доколку не ми префрлат К15, каде може да се поднесе пријава?
Одговор: Можете да пријавите било какви неравилности и поплаки до Државниот Инспекторат за Труд во РМ.
Прашање: Договорот за работа ми гласи од 01.07.2016. Дали ми следува регрес за годишен одмор?
Одговор: Ги исполнувате условите за исплата на регрес за годишен одмор, имате минимум 6 месеци непрекинат стаж, што значи ви следува исплата на регрес за годишен одмор во зависност од одлуката на компанијата кој може да биде исплатен на 31.12.2016 или да се направи обврска и да се исплати во 2017 година.
Прашање: Дали исплатата на К15 е задолжителна и за акционерските друштва во државна сопственост?
Одговор: За буџетските корисници, како и за вработените во сите правни лица во кои државниот капитал учествува со минимум 49%, регресот за годишен одмор е пропишан со Законот за исплата на платите. Според овој Закон работодавачот може да врши исплата на регрес за годишен одмор најмногу до 60% од просечната месечна нето-плата по работник во РМ објавена до денот на исплатата. Но, овој Закон само создава можност, но не и обврска за работодавачите да исплатат К-15.
Прашање: На кои сметки се плаќа регресот?
Одговор: Регресот се исплаќа на пп30 на личната трансакциска сметка на работникот, а персоналниот данок на пп50 и тоа на следниот начин:
Назив на примач
-Трезорска Сметка
Банка
– НБРМ
100-0000000630-95
Уплатна сметка
840 (шифра на општина од лк на лицето) 01284
Приходна шифра и програма
711131 00
Прашање: Дали треба да исплатам К15 на сопругата, која беше вработена во нашата фирма од 1 јануари до 30 јуни, а сега е вработена во друга фирма и таму ќе и дадат К15 на цело работно време?
Одговор: Работникот има право на К15 само еднаш во годината доколку ги исполнува условите. Бидејќи на вашата сопруга ќе и исплати К15 другата фирма, вие немате обврска за исплата на истата.
Прашање: Дали приватните здравствени установи се должни да исплатат регрес за годишен одмор?
Одговор: Приватните здравствени установи се должни да исплатат регрес на своите вработени.
Прашање: Дали треба да се исплати К-15 на работник кој бил вработен само 7 месеци во компанијата и потоа ја напуштил?
Одговор: Ако тие 7 месеци работен однос се однесуваат на тековната 2016 година, му следува регрес за годишен одмор.
Прашање: Вработена во компанија шест години од февруари е на породилно, на работа е вратена од крајот на ноември. Дали и следува К15?
Одговор: Како вработената имала право за користење на годишен одмор за 2016, има право на регрес за истата година.
Прашање: Дали треба да им се исплати К15 на вработени кои во тековната година била пријавени повеќе од 6 месеци, но во текот на годината е прекинат работниот однос?
Одговор: Да, должни сте да исплатите К15 на сите вработени кои имаат минимум 6 месеци непрекинат стаж во календарската година.
Прашање: Дали агенциите за обезбедување подлежат на Законот за исплата на регрес за годишен одмор?
Одговор: Регресот за годишен одмор им следува на вработените во приватните компании од стопанството кои имаат остварено минимум 6 месеци непрекинат работен стаж во календарската година.
Прашање: Во врска со исплата на регресот за годишен одмор (К-15) е предвидено исплата на помал износ од минималниот утврден со ОКД, под услов кај компанијата да настанале потешкотии во работењето. Кои ситуации се сметаат како потешкотии во работењето?
Одговор: Проценета економско-финансиска состојба на компанијата. Доколку истата, претходната година заврши со голема загуба или во календарската година работи со големи тешкотии кои истите треба и да ги докаже, во овој случај дадено е и алтернативно решение за фирмите, а тоа е спогодбата која се потпишува со избран претставник од работниците од една страна и работодавецот од друга страна, врз основа на оваа спогодба се донесува одлука во која се утврдува висината на износот за исплата на регресот.
Ако имате прашање за Ксенија Чаминска, можете да го поставите на Бизнис советник.