Одмор и над 26 дена за вработени во државната управа

121

Во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација, министерот Јетон Шаќири на работен состанок го прими претседателот на Синдикатот УПОЗ (Синдикат на органи од управата, правосудни органи и здруженија на граѓани), Пецо Грујовски.

Целта на овој состанок беше потпишувањето на измените и дополнувањата на Гранскиот колективен договор.

По усвојувањето на информацијата за потпишување на изменувањата и дополнувањата на Гранскиот колективен на последната владина седница, Министерот за информатичко општество и администрација беше овластен да го потпише овој договор.

Со потпишувањето на овие измени и дополнувања на Гранскиот колективен договор се допрецизираат некои одредби од Гранскиот колективен договор:

  • Се врши допрецизирање на органите на управата кои ги опфаќа Гранскиот колективен договор
  • Организацијата на работата во услови на криза или вонредна состојба
  • Критериумите за користење на годишниот одмор (се дава можност да трае повеќе од 26 работни денови)
  • Се враќа критериумот за степен на образование
  • Регресот за годишен одмор (К-15)

За време на состанокот се дискутираше и за можноста за зголемување на платите на вработените во органите на државната управа вклучени во Гранскиот колективен договор.

“Ние сме посветени и ќе работиме во оваа насока за да ја постигнеме целта“, рече министерот Шаќири.

Состанокот заврши со потпишување на измени и дополнувања на Гранскиот колективен договор. Двајцата потписници, министерот Шаќири и претседателот на УПОЗ Грујовски, изразија подготвеност за натамошно зголемување на соработката, за да се обезбедат најдобри можни услови за работа на вработените во органите на државната управа.