Одобрени 21.542 барања од компании за поддршка за исплата на плати

136

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција ги соопшти резултатите од одзивот на владините мерки од економските пакети за поддршка на стопанството од последиците од корона кризата.

Интегрално го пренесуваме соопштението:

Управата за јавни приходи, во време на здравствено-економска криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, е исправена пред нов предизвик во делот на навременото и квалитетното спроведување на економските мерки од двата пакети донесени од страна на Владата на РСМ, преточени во Уредби со законска сила.

Тимот на УЈП активно се вклучи и го даде својот придонес и експертиза при креирањето на мерките, а продолжи и понатаму посветено да работи и на спроведување на мерките во сите фази почнувајќи од поставување на соодветните обрасци на електронските платформи (е-даноци, е-пдд), софтверско прилагодување на системите, потоа фазата прием и обработка на поднесените барања, како и достава на точната евиденција до институциите кои се надлежни за исплата на финансиските средства.

Оттука, најпрво сакам јавно да се заблагодарам на вработените во Управата за јавни приходи кои неуморно работеа сиот овој период се со цел да излеземе во пресрет на оние даночни обврзници на кои најмногу им е потребна оваа помош.

Управата за јавни приходи го продолжува партнерскиот однос со граѓаните и бизнис секторот. Во време на здравствено-економска криза покажавме дека интересот на граѓаните, стопанството и државата е на прво место. Помагаме за намалување на негативните ефекти од кризата.

Согласно донесената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, во УЈП заклучно со крајниот рок, 07 мај, преку системот е-даноци поднесени се вкупно 23.861 барање за финансиска поддршка (образец БФП-ИП), а се однесуваат за 21.542 компании. Истите барања ќе се обработат и потврдат во рок од три дена и ќе се достават до Генералниот секретаријат на Владата на РСМ од каде ќе се врши исплатата на средствата за месец април 2020 година.

Од вкупниот број на поднесени барања:

–   Угостителска дејност – 2.377;
–   Туристички агенции (организатори на патувања-туроператори) – 253;
–   Транспорт – 2.177;
–   Објекти за сместување – 258;
–   Останати дејности – 16.625.

Истовремено напоменуваме дека сите работодавачи, со комплетно барање по обработка на МПИН-образецот ќе бидат информирани за вкупниот износ на финансиска поддршка која ќе им биде исплатена.

Согласно донесената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза, физичките лица кои вршат самостојна дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано во соодветен регистар) под одредени услови, имаат можност да користат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ од 14.500 денари месечно.

За остварување на правото, физичкото лице кое врши самостојна дејност поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност (образец БСФ-СВД) до Управата за јавни приходи.

Поднесувањето се врши преку системот е-Персонален данок до 5-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на истото, УЈП го потврдува во рок од 3 дена од денот на доставувањето на барањето. Самостојните вршители на дејност, односно физичките лица кои немаат профил во е-Даноци, ова барање го поднесуваат преку системот на е-Персонален данок. Досега се  поднесени 5.840 барања (образец БСФ-СВД).

Исто така, оваа група на даночни обврзници поднеле 2.164 барања за  финансиска поддршка за исплата на плата за месец април 2020 за своите вработени  од кои:

–   Угостителска дејност – 369;
–   објекти за сместување – 11;
–   Туроператори – 1;
–   транспорт – 136;
–   останати -1.647.

Преку Уредба со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, со која се овозможува на работодавачите за месеците април, мај и јуни 2020 за секој осигуреник да користат субвенција за исплата на придонесите од задолжително осигурување, најмногу до 50% пресметани на просечната бруто плата по работник во РСМ, според податоците на Државниот завод за статистика објавена во месец јануари 2020 година.

За остварување на правото на субвенционирање, работодавачот поднесува Барање за субвенционирање на износ за исплата на  придонеси од задолжително осигурување (образец БС-ПЗСО) до УЈП. Поднесувањето на барањето се врши преку системот е-Даноци, а комплетноста на барањето го потврдува Управата за јавни приходи во рок од 5 дена од доставувањето на барањето.

На 25.03.2020 година стапија на сила Уредбите за примена на Законот за данок на личен доход во време на вонредна состојба и Уредбата за примена на Законот за данок на добивка, во време на вонредна состојба. Со нив се предвидува одложување на плаќање на месечните аконтации по основ на данок на личен доход и данок на добивка. Овие мерки даночните обврзници ги користат преку поднесување на Барање за ослободување на износот на аконтации од данок на личен доход (образец ДЛД-ОМА) и Барање за ослободување на износот на аконтации од данок на добивка (образец ДД-ОМА) за месеците март, април и мај 2020 година.

Поднесени се вкупно 816 барања (образец ДЛД-ОМА), а прифатени се 597 барања.

За мерката ослободување на износот на аконтации од данок на добивка (образец ДД-ОМА), вкупно поднеле 1019 даночни обврзници, а прифатени се барањата на 747 даночни обврзници и тоа:

–  149 од дејност транспорт;
–  114 од дејност угостителство;
–  79 од дејност туризам;
–  405 од останати  дејности.

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност, се предвидува издавање на електронска фактура, со што се олеснува работењето на даночните обврзници во периодот на кризата.

Сакаме да потсетиме дека со донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка се намалува процентот на каматата за задоцнето плаќање од 0,03% на 0,015%. Исто така, Управата за јавни приходи согласно оваа Уредба нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

Вредно е да информираме за донирањето на средствата од проектот „МојДДВ” што е регулирано во Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица за време на вонредна состојба. Рокот за изјаснување за донирање на повратот од „МојДДВ” заврши на 5-ти мај. Вкупно 8.700 корисници на апликацијата одговориле потврдно на опцијата за донирање, а 35.219 корисници одговориле дека сакаат да им биде исплатен повратот од скенирањето на сметките, во целост. Износот на донација изнесува 9.529.917 денари. Овој износ ќе се донира во фондот за справување со КОВИД-19.

До УЈП пристигнаа меилови од граѓани кои погрешно и ненамерно притиснале опција „донирај” и истите бараат средствата да им бидат исплатени на сметка. За нив дополнително во најкраток можен рок ќе известиме за начинот на исплата. Опцијата „донирај” беше поставена за доброволен избор на секој корисник на апликацијата „МојДДВ”. Им благодариме на сите граѓани кои го донираа својот поврат и помагаат за полесно справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

За сите овие мерки, даночни службеници се агенти во владиниот контакт центар и истите стојат на располагање за сите прашања и одговори поврзани со мерките кои ги спроведува УЈП. Направена е и мејл група finansiska.poddrska@ujp.gov.mk, која има за цел непречено и точно информирање.

На крајот, сакам јавно да се заблагодарам на сите компании кои покажаа општествена одговорност со тоа што авансно ги платија своите аконтации за данокот на добивка за 2019 година и покажаа дека заеднички можеме да помогнеме за излез од оваа состојба.

Продолжуваме понатаму во успешно спроведување на економските мерки. Продолжуваме понатаму во квалитетно спроведување на процесите за финансиска помош на даночните обврзници. Само заеднички можеме да излеземе посилни после оваа криза и да допринесеме на враќање на нормалното функционирање на општеството.