Одржан првиот инфо ден за програмата Еразмус плус

43

Студенти, ученици, наставници и професори, општинска администрација и активисти во цивилниот сектор земаа учество на првиот Инфо ден одржан во Скопје, како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата Еразмус плус во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.

Презентери на настанот беа м-р Дејан Златковски и м-р Љупка Ќурчиева, претставници на Агенцијата, кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, Еразмус плус 2014-2020, како и иницијативите на ЕУ, Еуропас и Евридика.

Сите учесници на вчерашната трибина беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учење преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.

Како програма, Еразмус плус им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.

Исто така, се покажа интерес за акцијата Соработка за иновации и размена на добри практики – Стратешки партнерства, која се однесува на целите на политиките, предизвиците и потребите во сите полиња на образование обука и млади. Истата промовира меѓусекторска соработка релевантна за повеќе од едно поле и/или вклучува организации од повеќе полиња.

Следни инфо денови Агенцијата планира да спроведе во повеќе градови низ Македонија, поточно во Прилеп, Гостивар, Штип, Велес, Крушево и Делчево. Дополнително, а со цел зголемување на вклученоста на бизнис заедницата, предвидени се и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Република Македонија.

Покрај наведените настани, Националната агенција планира и реализација на две ЕКВЕТ конференции во насока на подигнување на свесноста во овој образовен сегмент.