Одржан првиот Plogging на кејот на Вардар, се трчаше и се собираше ѓубре

67

Многу граѓани на кејот на Вардар џогираа, но со себе носеа и ќеси во кои собираа пластични шишиња и други отпадоци кои беа расфрлани на кејот. Тие одговорија на повикот и се придружија на вработените од хотел Мериот којшто, во соработка со Амбасадата на Шведска, во Скопје го организираше првиот Plogging во Македонија – светски познатата акција за џогирање и собирање ѓубре. Од Камениот мост учесниците во настанот трчаа во должина од 2,1 километри по патеката на кејот и освен што се рекреираа, направија и нешто корисно за животната средина, стои во соопштението.

Plogging како иницијатива за прв пат се појави во Шведска во 2016 година (зборот доаѓа од шведски plocka upp) и претставува варијација на трчање и виткање на телото со наведнување и истегнување при собирање отпадоци, со што има двојна функција – обезбедува физичка активност и истовремено придонесува за намалување на загадувањето на природата. Фитнес експертите имаат пресметано дека со половина час џогирање и собирање ѓубре кај просечниот човек се согоруваат 288 калории, додека само со џогирање се трошат 235 калории.

Од Шведска оваа иницијатива последниве години масовно се шири насекаде во светот поради зголемената загриженост за загадувањето на природата со пластични отпадоци. Денес веќе насекаде можат да се сретнат луѓе кои џогираат и со себе носат ќеси и собираат ѓубре, а во многу земји се формирани и групи за plogging кои заедно џогираат и собираат пластични шишиња и други отпадоци.

Организаторите на настанот очекуваат дека оваа иницијатива ќе стане традиционална, особено што и во Македонија трчањето станува се попопуларно, а расте и свеста за потребата од грижа за животната средина.