Одржана свечена церемонија по повод Денот на царината

29

По повод 26 години од своето постоење како самостоен државен орган, Царинската управа, вчера во просториите на  Музејот на современа уметност во Скопје, се одржа свечена церемонија на на којашто присуствуваа високи претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата, Колегиумот на Царинската управа и други соработници и пријатели на Царинската управа.

Настанот со свое обраќање го отвори министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, кој истакна дека Министерството за финансии ќе продолжи во спроведувањето на реформите во овој сектор, како и во вложувањето и стручната поддршка на Царината, потенцирајќи дека само заедно можеме да одговориме на новите предизвици, како резултат на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи, што наметнуваат нови очекувања за Владата на Република Македонија и пошироката заедница во борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија.

На свеченоста посебно внимание се посвети на развојот на дигитализацијата на царинската служба, односно “Царината некогаш и денес“.

Неколку пензионирани царински службеници на сликовит начин го доловија почетокот на дигитализацијата, а потоа директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски, се надоврза за новата ера на дигитална царина потенцирајќи дека истата значително го измени начинот на којшто работи Царината. Како крајна цел таа треба да придонесе за подобрена можност за комуникација на Царинската управа, обработка при царинењето на стоките, прием и размена на информации, координирани гранични активности, соработка во областа на примените на законите.

Исто така, директорот посочи дека иницијативата дигитална царина има за цел да ги замени царинските постапки што се базираат на хартија со електронски постапки, на тој начин создавајќи поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој. Воедно, се осврна и на постигнатите резултати во 2017 година, но и на она што ќе биде приоритет во наредниот период.

За крај, директорот Танасоски на царинските службеници им го честиташе празникот и им посака да бидат горди носители на промените кон подобар живот во Република Македонија.

Дел од царинскиот празник беше и темата Херои на секојдневието, на којашто  неколку царински службеници презентираа со какви ситуации и случки се соочуваат во секојдневното работење.