
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во извештај објавен денес ја намали прогнозата за светскиот економски раст во 2025 година од 3,1 процент на 2,9 проценти, а во 2026 година од три проценти на 2,9 проценти, првенствено поради растечката глобална неизвесност и промената во трговската политика на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп.
„Глобалните перспективи стануваат сè попредизвикувачки. Значително зголемување на трговските бариери, построгите финансиски услови, ослабената доверба на бизнисот и потрошувачите и зголемената политичка неизвесност претставуваат значителни ризици за растот. Доколку овие трендови продолжат, тие би можеле значително да ги намалат економските перспективи“, се вели во соопштението на организацијата со седиште во Париз.
Извештајот предупредува дека зголемувањето на трговските трошоци, особено во земјите што спроведуваат нови царини, веројатно ќе ја зголеми инфлацијата, иако ова може делумно да биде компензирано со пониските цени на стоките.