ОЕЦД: Глобалниот минимален данок за компаниите ќе донесе дополнителни 220 милијарди долари

64

Воведувањето на глобален минимален корпоративен данок ќе им донесе на владите дополнителни 220 милијарди долари годишен приход, според ажурираната проценка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Ова е многу поголема сума од првично проценетите 150 милијарди долари што би ги донела воведувањето на даночна стапка од 15 проценти.

Повеќе од 130 земји, кои претставуваат 90 отсто од светската економија, се согласија да воведат пониска граница на корпоративниот данок на доход во 2021 година, со што сакаат да ги спречат мултинационалните компании да бараат ниски даночни стапки, пренесува француската новинска агенција АФП.

Минималната глобална даночна стапка е позната како втор столб на даночната реформа предвидена од ОЕЦД. Првиот столб, кој предвидува оданочување на компаниите кои остваруваат профит со цел да се спротивстави на даночното затајување, а е насочен пред се кон дигиталните гиганти, сè уште не е завршен.

ОЕЦД, исто така, ја зголеми својата проценка за износот на годишниот профит што би можел да потпадне под одредбите на првиот столб, од 125 милијарди долари на 200 милијарди долари. Ова би генерирало дополнителни даночни приходи од 13 до 36 милијарди долари, што исто така значително би им помогнало на земјите со низок и среден приход.

„Меѓународната заедница постигна значителен напредок во спроведувањето на овие реформи, кои треба да обезбедат поправедни меѓународни даночни аранжмани и подобро функционирање во дигитализирана и глобализирана светска економија“, објасни генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман.

„Новата анализа на економското влијание ја повторува важноста од брзо, ефективно и сеопфатно спроведување на овие реформи за да се обезбеди реализација на овие значајни потенцијални приходи“, додаде тој.