ОЕЦД: Одложена новата регулатива за оданочување на мултинационалните компании

26

Повеќе од 140 земји требаше да воведат нови правила за оданочување на мултинационалните компании во 2024 година за да ги спречат дигиталните гиганти како Apple и Amazon да резервираат профит во земји со ниски даноци.

Договорот предвидува прераспределба на правото на оданочување околу 200 милијарди долари од добивката на најголемите и најпрофитабилните мултинационални компании според местото на продажба.

Вториот дел од меѓународниот договор треба да ја заокружи даночната конкуренција со донесување минимална корпоративна даночна стапка од 15 проценти од следната година.

Повеќе од 30 земји кои веќе воведоа или планираат да воведат данок на дигитални услуги се согласија да ги замрзнат давачките и плановите до крајот на оваа година или да го напуштат данокот откако тој дел од договорот ќе се оформи.

Повеќе од 50 земји веќе го започнаа процесот на усвојување на вториот дел од договорот, за воведување минимален данок, но се заглавени во првиот дел, објави ОЕЦД, бидејќи група земји изразија сомнеж.

Од 143 земји потписнички на договорот, само Белорусија, Канада, Пакистан, Русија и Шри Ланка не го поддржаа на состанокот, изјави Манал Корвин, шеф на даноците во ОЕЦД.

„Канада не се согласи на замрзнување“ на дигиталниот данок, рече Корвин.

Затоа планот е да се „изостри“ деталите за владите да можат да ги одобрат до крајот на годината.

Доколку најмалку 30 земји го прифатат планот, даноците на дигиталните услуги ќе бидат замрзнати во 2024 година, со можност за продолжување за уште една година доколку е потребно, објави ОЕЦД.

Новиот договор за оданочување треба да стапи на сила во 2025 година, една година подоцна од планираното.

Дури и кога владите ќе го потпишат договорот, ратификацијата нема да биде лесна задача, особено во САД каде е потребно двотретинско мнозинство во Сенатот, забележува Ројтерс.