Официјално отворен 27-от Саем на книгата

26

Вчеравечер и официјално се отвори 27-миот по ред Саем на книгата. Сите посетители ќе можат да уживаат во луксузот на душата следните седум дена. Овогодинешниот Саем на книгата ги обедини сите изложувачи, така што овој саем е со најголема концентрација на книги и автори до сега, како и една од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи околу 40.000.

“Сите овие активности и проекти од издавачката дејност кои ги реализираме или се во фаза на реализација, ги потврдуваат нашите заложби за афирмација и достапност на македонската литература на национално и меѓународно ниво и меѓународно ниво и побрза интеграција на македонската книжевност во светските современи текови“, изјави Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура.

На синоќешното свечено отворање свое излагање пред медиумите и присутните имаа директорката на Скопски саем, Даниела Глигоровска, претседателот на Здружението на издавачи и книжари на Македонија, Горјан Лазаревски, како и академик Катица Ќулакова, кои го прогласија овој Саем за отворен и ги поздравија сите оние кои беа дел од свеченото отворање.

“За овие активности би сакала да се заблагодарам на здружението на издавачи и книжари на Македонија, како и на здружението на Албанските издавачи на Република Македонија како долгогодишни соработници на Скопски Саем во реализацијата на Саемот на книгата“, изјави Даниела Глигоровска, директорка на Скопски Саем.

Во Метрополис Арена, на 3.000 метри квадратни, повеќе од 70 издавачи се дел од 27-миот по ред Саем на книгата 2015, меѓу кои најпознатите домашни, но и од регионот и Европа. Шведска, Италија, Косово, Албанија и Србија се земјите кои се гости издавачи.

Над 50.000 наслови имаат за цел да ги импресионираат сите посетители и присутни. Работното време на Саемот на книгата е од 10 до 20 часот. Цената на влезниците за Саемот на книгата за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети – 20 денари.