Ограничени се цените на огревното дрво и пелетите

193

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, конкретно на огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев.

Највисоките цени на огревното дрво од даб и бука се утврдени во висина до 4.500,00 денари за метар просторен (мпр) односно до 6.429,00 денари за метар кубен (м3).

Владата притоа донесе Одлука за престанување на важноста на одлуката за посебни услови во трговијата на мало, со којашто беше замрзната маржата на огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев за сите трговци во висина најмногу до 10%.

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информација за преземање мерка за обезбедување дополнителни количини на топлинска енергија во случај на постоење на кризна состојба и донесе Одлука за преземање мерка за обезбедување на дополнителни количини на топлинска енергија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Задолжено е Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје да склучи Договор за купопродажба на топлинската енергија со Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, во рамки на потребните количини, а согласно потребите на Друштво за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје на месечно ниво.

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе Одлука со којашто се продолжува рокот за аплицирање за мерката за набавка на вештачки ѓубрива за есенската сеидба до 30.11.2022 година. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, според најавата од Министерството, по завршувањето на аплицирањето, а најдоцна до крајот на годината ќе треба да направи исплата кон земјоделците по основ на оваа мерка.