Ограничувањето на вработување странци во Црна Гора суспендирано до есен

107

sobarka

Црногорската влада донесе одлука до есен да ја одложи примената на новиот закон за странци и привремено го суспендира ограничувањето на вработување на странци, пренесува РТС.

Законот, што требаше да стапи на сила на почетокот на ова лето, предизвика револт на угостителите, бидејќи ќе ги принуди при вработување предност да ѝ дадат на домашната работна сила, што е евидентирана во Заводот за вработување.

На ова законско решение реагираа угостителите од Црна Гора, кои побараа одложување на примената со аргумент дека нема да има доволно сезонски работници и примената на новиот пропис ќе ја доведе во прашање туристичката сезона.

Во текот на 2014 година издадени се 23.061 дозволи за работа и вработување на странци, што е за 2,5% повеќе во однос на 2013 година. Најмногу дозволи, односно 5.156 се издадени во областа на градежништвото, во туризмот и угостителството се издадени 4.510 дозволи. Најчесто дозволи им се одобруваат на работници од Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.