Охридска банка доби долгорочен кредит од 10 милиони евра од ЕФСЕ

26

ohridska banka

Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) го подобрува пристапот до финансиски средства на македонските домаќинства преку долгорочен кредит од 10 милиони евра за Охридска банка Сосиете Женерал, којашто неодамна воведе производ што ги фиксира каматните стапки на станбените кредити за двапати подолго од вообичаеното, стои во соопштението.

Охридска банка Сосиете Женерал се очекува да го искористи финансирањето на ЕФСЕ за воведување нов станбен кредит со фиксна каматна стапка за првата декада на кредитот, за првпат на македонскиот пазар. Повеќето кредити од овој тип во земјава во моментот имаат фиксни стапки само за првите пет години, па удвојувањето на овој период се очекува да обезбеди придобивки од елиминирањето на несигурноста од варијабилни каматни стапки на долг рок.

“Охридска банка Сосиете Женерал е една од водечките финансиски институции во Македонија, и преку удвојувањето на времетраењето на фиксните каматни стапки за станбени кредити и кредити за реновирање на домот, ја поддржува мисијата на ЕФСЕ за промовирање на економскиот развој и просперитет на граѓаните во регионот. Возбудени сме што ќе го започнеме ова заемно корисно партнерство“, изјави Моника Бек, претседател на Управниот одбор на ЕФСЕ

“Благодарение на средствата од ЕФСЕ, Охридска банка Сосиете Женерал има можност да ја претстави својата уникатна понуда на пазарот и да развие квалитетни односи со цел подобро да се разберат, услужат и да се предвидат потребите на нашите клиенти, притоа придружувајќи ги на долг рок. Со нашиот нов станбен кредит со 10-годишна фиксна каматна стапка, Охридска банка Сосиете Женерал оди чекор подалеку во однос на транспарентноста и квалитетот на своите производи. Знаејќи ја каматната стапка за првите 10 години од кредитот, клиентите ќе можат подобро да ја планираат својата иднина. Транспарентност, стабилност и квалитет – тоа се нашите крајни цели“, изјави Бранка Павловиќ, претседател на Управниот одбор на Охридска банка Сосиете Женерал.