Охридска банка го почнува присоединувањето кон Шпаркасе Банкa

170

Собранието на акционери на Охридска банка, на седница што се одржа вчера, донесе одлука за отпочнување на постапка за присоединување.

“Присоединувањето кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје ќе биде извршено во согласност со применливата регулатива, со пренос на целокупниот имот и обврски на Охридска банка АД Скопје, без спроведување на ликвидација, во замена за акции на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје“, стои во одлуката објавена на Македонска берза.

Акционерите на Охридска банка, како што се наведува, ќе добијат акции од Шпаркасе Банка во сооднос пресметан во согласност со применливата регулатива и утврден во Спогодбата за присоединување. Шпаркасе Банка, за целите на размената, ќе ја зголеми основната главнина со издавање на акции преку приватна понуда, во согласност со регулативата за статусни промени.

Во ноември минатата година, Steirmarkische Bank und Sparkassen AG се стекна со мнозинство акции во Охридска банка и на овој начин стана мнозински акционер во втора банка во Македонија, откако во 2008-ма година се стекна со мнозинство акции во Шпаркасе Банка.

“Поради постигнување на максимална оптимизација на пазарниот удел, ресурсите и ефикасноста, се отпочнува постапка за интеграција на двете банки“, се наведува во Образложението кон одлуката.

Имајќи го предвид обемот на документите потребни за дозвола од Народната банка, постапката преку НБ, како што се наведува, ќе отпочне во период не подолг од шест месеци од денот на донесување на одлуката за присоединување.

Фото: Facebook