Охридска банка ќе го зголемува акционерскиот капитал за 615 милиони денари

62

Охридска банка планира зголемување на акционерскиот капитал со издавање на 232.076 обични акции со право на глас, во вкупен номинален износ од 615.001.400 денари, за институционален инвеститор по пат на јавна понуда, стои во предлог одлуката објавена на Македонска берза.

Издавањето на акциите, како што се наведува во предлог одлуката, ќе се врши по пат на приватна понуда.

“Намената на емисијата е зголемување на акционерскиот капитал на Банката со нови уплати од страна на постојниот акционер Штајермеркише банк унд Шпаркасен АД (Steiermarkische Bank und Sparkassen AG) од Грац, Австрија, заради одржување на соодветно ниво на стапка на редовен основен капитал и стапка на основен капитал, како и заштитните слоеви на капиталот пропишани со Закон за банки и подзаконската регулатива“, стои во предлог одлуката.

Номиналната вредност на една акција изнесува 2.650 денари.

Со износот на оваа 13-та емисија на обични акции со право на глас, банката ќе го зголеми акционерскиот капитал за 615.001.400 денари, со што вкупниот број на акции ќе достигне 748.426 обични акции или 1.983.328.900 денари акционерски капитал по номинална вредност.

Фото: Facebook