Охридска банка првото тримесечје го заврши со добивка од 115 милиони денари

24

ohridska banka

Во првите три месеци од 2016 година, Охридска банка Сосиете Женерал прикажа добивка во висина од 115.137.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката оствари добивка од 89.572.000 денари.

“Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од 01.01. до 31.03.2016 година изнесува 115,1 милиони денари и споредено со првиот квартал за 2015 година, бележи зголемување од 25,6 милиони денари или 28,5%“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Нето приходите од камати на крајот од првиот квартал од 2016 година изнесуваат 267 милиони денари и бележат пораст за 39,6 милиони денари, или 17,4%, споредено со остварените нето приходи од камати во истиот период минатата година, во кое позначаен придонес имаат намалувањето на каматните расходи додека придонесот на вкупните каматните приходи е на исто ниво.

На остварените приходи од камати, позитивен придонес имаше порастот на клиентските пласмани, додека пласманите во хартии од вредност поради променетиот начин на аукцирање од страна на НБРМ влијаеше да се оствари пониско ниво на камати од овие пласмани. Каматните трошоци бележат намалување за 39,6 милиони денари, или 28,5% како резултат од намалените каматни трошоци на депозитите на клиентите, намалените трошоци по основ на субординираниот долг, и намалените трошоците по основ на камати за финансирање од меѓународни финансиски институции.

Во анализираниот период, нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 64,5 милиони денари и во однос на истиот период од 2015 година се зголемени за 5,4 милиони денари, или 9%. Приходите од провизии се зголемени за 3,2 милиони денари, додека трошоците за провизии и за надоместоци се намалени за 2,3 милиони денари. Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 22,7 милиони денари и се зголемени за 0,3 милиони денари, или 1,4% во споредба со истиот период минатата година. Другите приходи изнесуваат 0,75 милиони денари и се намалени за 2,4 милиони денари споредено со првиот квартал од 2015 година во кои беше вклучена реализираната капитална добивка од продадени преземени средства за наплата на побарувања.

Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари – март, споредено со истиот период претходната година, се намалени за 4,4 милиони денари при што пониски оперативни трошоци се забележани кај трошоците за вработени, канцелариски материјал, трошоците за одржување,за осигурување, комуникација, репрезентација додека повисоки оперативни трошоци се забележани кај трошоците за амортизација, за технологија, за осигурување депозити, провизии и аутсорсинг, патувања и превоз.