Охридска банка од јануари до декември лани работеше со добивка од 65.199.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
Една година претходно, добивката на банка беше 238.543.000 денари.
“Оперативната добивка на банката пред оданочување за периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година изнесува 71,3 милиони денари, бележи намалување од 73% споредено со истиот период минатата година. На остварениот резултат големо влијание имаа отежнатите услови за работење во услови на глобална пандемија, зголемениот конкурентски притисок на пазарот во делот на активните каматни стапки и ограничените пазарни можности за соодветно компензирање во делот на пасивата што има негативно влијание на намалувањето на нето каматната маргина. Значајно влијание има и намалувањето на каматните приходи од пласмани во благајнички записи поради значително пониската каматна стапка што соодветно влијаеше на намалување на волуменот. Последиците од кризата поврзани со пандемијата имаа негативно влијание и на нето приходите од провизии и нето приходите од курсни разлики, a дополнително по основ на оперативни трошоци има ефект и од миграциските процеси“, стои во Коментарот кон билансот на успех.
Нето-приходите од камати на крајот од 2020 година изнесуваат 1.084.000.000 денари и во однос на истиот период минатата година, како што се наведува во Коментарот, се намалени за 25,3 милиони денари, или за 2,9 % со реализација на планот од 95,6 %. Реализацијата на нето каматните приходи во најголем дел е под влијание на значителниот пазарен притисок, посебно кај пласманите кај секторот компании, а со тоа и пад на активните каматни стапки за кој пазарните услови не дозволуваат истиот да биде соодветно компензиран на страната на изворите на средства, како и помалиот износ на запишани хартии од вредност согласно одлуката на Народна банка за намалување на износот кој деловните банки може да го запишат во благајнички записи како и намалената каматна стапка и на благајничките и на државните записи што влијаеше на намалување на обемот.
Нето-приходот од провизии и од надоместоци, во износ од 298 милиони денари, е намален за 36,2 милиони денари или за 10,8% во однос на истиот период минатата година со реализација на планот од 89,7%. Приходите од провизии и надоместоци бележат намалување од 27,5 милиони денари, во најголем дел поради намалениот обем на активност, посебно во делот на работењето со правните лица и ослободувањето од дел од провизија со цел стимулирање електронски комуникации како дел од мерките за превенција на здравјето на вработените и клиентите во услови на глобална Ковид-19 пандемија. Трошоците за провизии и за надоместоци бележат зголемување за 8,6 милиони денари на годишно ниво, на што поголемо влијание имаа активностите поврзани со картичното работење, односно зголемен обем на електронски трансакции и дополнителни надоместоци поврзани со интеграциските процеси како и надоместоци за регулаторни процедури поврзани со емисијата на хартии од вредност.
Нето-приходот од курсни разлики изнесува 124 милиони денари и во однос на претходната година е намален за 27 милиони денари или 17,8%, поради значајно намален обем на активности на девизниот пазар и на страна на понудата и на побарувачката поврзано со Ковид-19 кризата.
Фото: Pexels