Охридска банка со добивка од 157,3 милиони денари го заврши првото полугодие

15

ohridska-banka

Охридска банка Сосиете Женерал во периодот од јануари до јуни оваа година оствари добивка во вредност од 157.305.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од први јануари до 30-ти јуни 2017 година изнесува 157,3 милиони денари и е резултат на порастот на нето приходите од камати, зголемување на нето приходите од курсни разлики, зголемување на другите приходи, но и повисокиот раст на исправката на вредноста на финансиските средства. Споредено со остварениот резултат за истиот период од минатата година, а и со планираниот е за 38,5% понизок поради значајното влијание на порастот на исправката на вредност на финансиските средства“, стои во Коментарот за остварените резултати.

Добивката на банката истиот период претходната година изнесуваше 255.645.000 денари.

Нето приходите од камати на крајот од првото полугодие од 2017 година изнесуваат 589,8 милиони денари и забележуваат пораст од 6,8% во споредба со остварените нето приходи од камати во минатата година.

Нето приходите од провизии, како што стои во Коментарот, изнесуваат 129,7 милиони денари и во однос на истиот период од 2016 година се намалени за 1,5 милиони денари или 1,2% со реализација на планот од 84,7%, поради заострените конкуренциски услови на пазарот како и влијание на трошоците за картично работење.