Охридска банка со добивка од 86,8 милиони денари во првиот квартал

3

Охридска банка во првиот квартал од оваа година оствари вкупна сеопфатна добивка од 86.891.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период минатата година, добивката на банката беше на ниво од 80.212.000 денари.

“Кумулативниот реализиран финансиски резултат, за периодот од 1.1.2021 до 31.3.2021 г. изнесува 86,9 милиони денари и споредено со истиот период минатата година бележи зголемување за 6,7 милиони денари што е резултат на порастот на приходите од провизии и надомести и намалувањето на останатите расходи“, стои во Коментарот за остварените резултати.

Нето-приходите од камати на крајот од првиот квартал од 2021 година изнесуваат 267,5 милиони денари и се на исто ниво споредено со првиот квартал од 2020 година. Приходите од камати бележат намалување од 9,2 милиони денари, во најголем дел резултат на пониските каматни приходи од пласмани кај секторот Компании, кој е под најголем пазарен и конкурентски притисок кај активните каматни стапки, додека приходите од камати на кредитите кај населението и покрај влијанието на пониската просечна каматна стапка, бележат раст благодарение на волуменскот импакт односно зголемената состојба.

Каматните трошоци бележат намалување за 9,4 милиони денари при што намалени се трошоците по камати и кај депозитите на население и кај депозитите на компании на што влијание имаа промените во рочната структура на депозитите поврзано со комерцијалните мотиви и потреби кај правните лица, и преференцијата за пократкорочна достапаност за физичките лица.

Нето-приходот од провизии и од надоместоци, во износ од 89,9 милиони денари, е зголемен за 11,4 милиони денари во однос на истиот период минатата година. Приходите од провизии се зголемени за 19,9 милиони денари, додека трошоците по провизии и надоместоци бележат помало зголемување од 8,5 милиони денари. Приходите од провизии и надоместоци бележат пораст на кој поголемо влијание имаат порастот на провизиите од платните системи, картичното работење, провизиите по услуги на електронско и мобилно банкарство.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 27,1 милиони денари и се намалени за 4,2 милиони денари или за 13,5% во споредба со истиот период од минатата година поврзано со генерално намалената активност на стопанските субјекти и соодветно ценовниот аспект поради релативно пониската понуда.

Фото: Freepik