Охридска банка со донација за децата со Даунов синдром од клубот Ескрим

20

ohridska banka

Во рамки на својата годишна програма Време за општествена одговорност 2016, Охридска банка Сосиете Женерал донираше средства за мечувалскиот клуб Ескрим, поточно за групата мали мечувалци со Даунов синдром, којшто веќе неколку години успешно функционира во рамки на клубот.

Донацијата во висина од 100.000 денари има за цел да обезбеди подобри услови за тренирање, потребна опрема и квалификуван персонал, но и да ја подигне јавната свест за лицата со Даунов синдром, за нивните потреби и важноста од нивна социјална инклузија.

Донацијата на Охридска банка Сосиете Женерал произлезе од учеството на триесет и четворицата вработени во банката на годинашниов Скопски маратон, кои трката на пет километри им ја посветија на децата со Даунов синдром кои тренираат во мечувалскиот клуб Ескрим.

“Нашите вработени и овој пат покажаа дека се подготвени да одговорат на предизвици и надвор од нивните секојдневни работни обврски. Со нивниот волонтерски и тимски дух истрчаа трка за хуманост, посветена на децата со Даунов синдром од мечувалскиот клуб Ескрим, кои своето слободно време го минуваат во тренирање на овој специфичен спорт. Уверени сме дека оваа донација ќе придонесе кон подобрување на условите за тренинг и кон подигање на свеста за потребите на овие деца“, изјави Елена Глигоровска, раководител на Дирекцијата за развој на производи, маркетинг и комуникации.

“Охридска банка Сосиете Женерал е општествено одговорна компанија која покажа големина не заборавајќи на оваа социјална структура на која ѝ е потребна поддршка и помош. Би сакале да истакнеме дека Охридска банка Сосиете Женерал треба да биде пример кој ќе го следат и другите компании во земјава, бидејќи секоја помош за децата со Даунов синдром е добредојдена, а особено ако таа им обезбеди моменти на среќа и услови како на вистински спортисти“, изјави Билјана Кузмановска – Николовска, претседателка на мечувалскиот клуб Ескрим.

Програмата Време за општествена одговорност на Охридска банка Сосиете Женерал е дел од интернационалната програма на групацијата Сосиете Женерал, во која вработените доброволно го минуваат своето време во спортски, едукативни и хуманитарни активности. Охридска банка Сосиете Женерал останува посветена на своите заложби да дејствува како одговорен корпоративен граѓанин кој постојано придонесува во заедницата во која работи, а со тоа и да претставува пример за добри општествени практики.