Охридска банка воведе 3D Secure технологија за безбедно интернет плаќање

74

sg-ob_contacless_cards-3d-165x165-3_mk-2

Охридска банка Сосиете Женерал изврши имплементација на меѓународниот сигурносен стандард 3D Secure за безбедни интернет плаќања на сите картички од своето портфолио, стои во соопштението.

Сите издадени дебитни и кредитни Visa и MasterCard картички до 24.11.2017 година ќе го добијат бесплатно и автоматски највисокиот меѓународен сигурносен стандард за заштита ‒ ЗD Secure, додека сите нови издадени картички ќе го имаат вградено. Оваа услуга претставува дополнителна сигурност во процесот на интернет купување (електронска трговија), правејќи го интернет купувањето посигурно на сите локални и меѓународни веб страници, а плаќањето со картичките на банката – заштитено.

3D Secure нуди заштита и безбедност при онлајн купувањето преку користење на еднократна лозинка (OTP – One Time Password) за потврда на идентитетот на купувачот. Кога се прават плаќања на продажните места на интернет на кои е истакната ознаката Verified by Visa и/или MasterCard Secure Code, клиентите мора да го потврдат интернет плаќањето со еднократната лозинка што ќе ја добијат како СМС порака на мобилниот телефон. Предноста на оваа технологија е потврдата на идентитетот на клиентот, со што се избегнува ризикот од кражба и злоупотреба на податоците од картичката.

“Во време на глобализација, зголемување на обемот на интернет трансакции и на зачестени случаи во светот на различни видови измами и злоупотреби на податоците од картичките, неопходно е да ги заштитиме своите клиенти и да им овозможиме безбедно користење на картичките на Охридска банка Сосиете Женерал при онлајн плаќањата. Наша обврска е континуирано да создаваме најдобра услуга, креирајќи банка на иднината. Поседувањето на меѓународните сертификати Verified by Visa и Mastercard SecureCode и воведувањето на технологијата 3D Secure во сите картички од нашето портфолио е потврда за нашата посветеност, професионализмот и посебниот однос кон нашите клиенти“, изјави Елена Глигоровска, раководител на Дирекцијата за корисничко искуство, маркетинг и комуникации на Охридска банка Сосиете Женерал.

Сите Visa и MasterCard картички издадени од Охридска банка Сосиете Женерал се автоматски регистрирани за услугата 3D Secure, така што не е потребна никаква дополнителна регистрација. Услугата 3D Secure е бесплатна за сите клиенти на банката и е достапна на три јазици: македонски, англиски и албански.

Дополнително на тоа, Охридска банка Сосиете Женерал во своето портфолио на своите клиенти им го овозможува и најсовремениот начин на плаќање во светот – бесконтактниот, со картичките MasterCard Debit. Покрај едноставното користење, со овие картички плаќањето е брзо, лесно и сигурно. Бесконтактните MasterCard Debit картички ги имаат истите функционалности како и стандардните картички, со една дополнителна можност ‒ плаќање само со приближување на картичката на ПОС- терминалот, без внесување ПИН код.