Вкупната вредност на трите пакети антикризни мерки што ги презема државата за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на последиците од ковид кризата се проценува на околу 500 милиони евра, напиша на својот Facebook, министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Досега, до граѓаните и фирмите, како што напиша таа, исплатени се околу 10 милиони евра државна помош, од кои околу 40 милиони евра кон граѓаните и околу 100 милиони евра кон фирмите.
За граѓаните:
- Домашна платежна картичка за над 330.000 граѓани, со 28,3 милиони евра.
- Ваучери за домашен туризам за над 117.000 граѓани, со околу 12 милиони евра.
- За самостојните уметници, 65.000 евра
- За спортистите, 400.000 евра
- За паричен надоместок за невработеност – 50% од последната просечна нето-плата, 810.000 евра
За компаниите:
- 14.500 денари финансиска поддршка за над 130.000 вработени во над 19.500 фирми, 83,3 милиони евра
- Бескаматни кредити преку Развојната Банка – поддршка за 1.331 претпријатие и над 16.600 вработени со 12,7 милиони евра досега.
- Субвенционирање на 50% од придонесите до просечна плата за погодените компании, за над 2.500 компании со 1,4 милиони евра
- Ослободување од аконтации за данок на добивка и данок на личен доход за над 1500 даночни обврзници со околу два милиони евра
Во тек на реализација се и други мерки за поддршка за компаниите како што е јавниот повик кој е отворен до 31-ви јули за финансиска поддршка за инвестиции за зголемување на конкурентноста на компаниите за време на и во пост-ковид периодот за што се буџетирани 20 милиони евра http://economy.gov.mk/doc/2823, како и јавниот повик за субвенции за ко-финансирање на настани http://economy.gov.mk/doc/2824.
Со овие средства, како што напиша Ангеловска на Facebook, директно се помагаат граѓаните, се заштитуваат работните места и се помага ликвидноста на стопанството, а со тоа се поттикнува и поддржува економската активност.
Досегашните мерки придонесуваат за побрзо и полесно надминување на кризата, а ќе помогнат и во фазата на заживување на економијата, порача таа на крајот.
Фото: Facebook











