Оксфордската вакцина против Ковид-19 покажува 70% ефикасност

58

Вакцината што заеднички ја развиваат Универзитетот Oxford и AstraZeneca обезбедува 70% заштита од Ковид-19, покажаа резултатите од големо истражување. Ова претставува и триумф и разочарување, имајќи предвид дека вакцините на Pfizer и BioNtech и на Moderna покажале 95% ефективност.

Сепак, вакцината на Oxford е далеку поевтина и полесно се складира и пренесува до кое било место на светот од останатите две, па ако биде одобрена од регулаторите, сепак би можела да има важна улога во запирање на пандемијата. Податоците покажуваат дека со усовршување на дозата нејзината ефективност може да се зголеми до 90%.

Повеќе од 20.000 доброволци учествуваа во истражувањето во Велика Британија и Бразил, при што имало 30 случаи на коронавирус кај оние кои примиле две дози од вакцината и 101 кај оние кои примиле плацебо.

Необичност во резултатите е тоа што вакцината покажала 62% делотворност помеѓу луѓето кои примиле две целосни дози, додека дури 90% ефикасност кај луѓето кои првично примиле половична доза, а потоа целосна доза од вакцината. Сè уште не е познато на што се должи ваквата разлика.

Британската влада веќе има нарачано 100 милиони дози од вакцината, доволни за имунизација на 50 милиони луѓе.

Фото: Pixabay