Олабавена монетарна политика за поддршка на закрепнување на економијата

64

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на панел-дискусијата нa тема Монетарната политика во 2021 година, организирана од реномираната инвестициска банка Вуд и компанија. На панел-дискусијата се разговараше за прашања поврзани со последиците од корона-кризата врз економскиот раст во изминатата година и економските изгледи за оваа година, а особено се разгледаа досегашните монетарни мерки и очекувањата за монетарната поставеност во следниот период.

Во своето излагање, Митреска истакна дека имајќи ја предвид силината и исклучителноста на корона-кризата, македонската економија ја поминува релативно подобро во однос на дел од земјите во регионот.

“Со олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот и повторното активирање на глобалните синџири на производство, падот на економијата во втората половина од годината значително забави. Со оглед на вклученоста во глобалните синџири на производство и со помалото учество на услугите во вкупните текови, економијата на кус рок полесно го издржа товарот на кризата“, посочи вицегувернерката.

Во однос на изгледите за оваа година, на панел-дискусијата беа посочени очекувањата за закрепнување, при глобални очекувања за подобра епидемиолошка состојба, задржување на поволните финансиски услови и натамошно зајакнување на довербата, што ќе има позитивни преносни ефекти и врз домашната економија.

“Слично како и другите централни банки, Народната банка во 2020 година обезбеди монетарен стимул и регулаторна флексибилност, со што ѝ даде важна поддршка на економијата преку олабавување на финансиските услови и обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем“, истакна Митреска во поглед на прашањето за монетарната политика.

Во однос на идната монетарна поставеност, вицегувернерката посочи дека монетарната политика и натаму ќе биде олабавена како поддршка во процесот на закрепнување на економијата и одржување на кредитниот циклус, а во услови на комфорно ниво на девизните резерви. Притоа, таа истакна дека задржувањето на кредитниот циклус е одраз и на поволната ликвидносна и капитална позиција на банкарскиот систем, заради чиешто понатамошно дополнително зајакнување е и одлуката на Народната банка за привремено ограничување на распределувањето и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.