Oлеснување на прекуграничната е-трговија

28

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски денеска учествуваше на завршната конференција на заедничкото претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес за Западен Балкан, која се одржа онлајн.  На состанокот присуствуваа министрите за економија на земјите од регионот, високи владини претставници и претставници на ЕУ.

Тема на состанокот беше презентирање на постигнатите резултати во рамките на Повеќегодишниот акциски план за Регионална економска област и разгледување на новите иницијативи за заедничка соработка помеѓу државите од Западен Балкан, со посебен акцент во делот на прекугранична е-трговија.

Во своето обраќање директорот Ѓоко Танасоски истакна дека е-трговијата е една од главните теми во рамките на Поткомитетот за царина и потекло на ЦЕФТА со кое што оваа година претседава Царинската Управа.

Царинската управа на Република Северна Македонија како водечка институција и лидер во дигитализацијата, учествува во новиот проект за е-трговија во регионот на ЦЕФТА, поддржан од ГИЗ (Gesellschaftfür Internationale Zusammenarbei) и владата на Република Германија. Главна цел на овој  проект е олеснување на прекуграничната е-трговија, со активно вклучување на малите и средните претпријатија, при што се подобруваат условите за трговски трансакции помеѓу компаниите, но и кон крајните потрошувачи.

Со поддршка на ГИЗ досега се реализирани повеќе клучни активности во регионот на ЦЕФТА, како што се: взаемно признавање на програмите за овластен економски оператор, спроведување на регионалната Стратегија за управување со ризик на ЦЕФТА 2020-2024, како и реализација на новите приоритети на Заедничкиот регионален пазар.

Подобрувањето на регулаторната и законска рамка со цел хармонизација на законодавството и приближување кон ЕУ како и олеснувањето на дијалогот помеѓу ЦЕФТА страните, е континуиран процес и приоритет на Царинската управа. Со тоа се постигнува намалување на трошоците за е-трговија, забрзување на царинските постапки и поефикасни контроли, со цел олеснување на трговијата. Во Република Северна Македонија  е-трговијата бележи пораст во 2020 година и тој тренд се очекува да продолжи, како кај нас така и во земјите од регионот.

Директорот истакна дека посветеноста кон подобрување на е-трговијата во ЦЕФТА регионот е еден од главните приоритети на претстојното претседателство на Република Северна Македонија со сите ЦЕФТА структури следната година, каде што освен царината се вклучени сите владини институции и агенции.