Олимписки игри: 11,8 милијарди евра потрошени за настапи на повеќе од 10.000 спортисти

26

Олимписките игри, еден од најголемите спортски настани во светот, беа затворени по 16 дена. Годинава во Париз беа продадени речиси 9,5 милиони билети за гледање на 33-тото издание на Летните игри. На натпреварите учествуваа повеќе од 10.000 спортисти од 206 земји, а свеченото затворање се одржа на „Стад де Франс“ пред повеќе од 70.000 гледачи.

Според NBCUniversal, вкупната просечна гледаност на Олимпијадата за 14 дена, почнувајќи од церемонијата на отворање, без податоците за последните два дена, била 31,6 милиони, што е за 77 отсто повеќе отколку во Токио.

Македонија на овие олимписки игри остана без освоен медал, Хрватска освои два златни, два сребрени и три бронзени медали, Србија годинава освои пет медали, а Словенија три.

На прво место по освоени медали на Олимписките игри во 2024 година беа САД со 40 златни медали, 44 сребрени и 42 бронзени медали. По нив следуваше Кина, чии спортисти освоија исто толку златни медали, но имаа помалку сребрени и бронзени медали, 27 и 24.

Официјални податоци сè уште не се објавени, но според истражувањето на Алијанц, за организација на игрите и осигурување се издвоени околу 11,8 милијарди евра.

Германската мултинационална компанија предвидува и дека ОИ ќе го зголеми бруто домашниот производ (БДП) на Франција за повеќе од 10 милијарди евра или 0,4 отсто и дека бројот на туристи годинава ќе биде за шест отсто или 5,4 милиони повеќе отколку во 2023 година.

Трошоците за хотели во градовите домаќини на Олимпијадата се зголемија за 16 отсто во споредба со претходната година, додека продажбата поврзана со туризмот во музеите и рестораните забележа пораст од 25 отсто во споредба со минатата година, рече француската министерка за туризам Оливија Грегоар, пренесе Еуроњуз.

Ова е веќе трет пат како Летните олимписки игри се одржуваат во Париз, првиот пат во 1900 година, а вториот во 1924 година. Освен Париз, толку пати бил домаќин само Лондон, а во 2028 година ќе им се придружи и Лос Анџелес.