
Светската побарувачка за нафта ќе расте оваа година малку послабо од очекуваното, според новиот месечен извештај на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), со повисоки цени поради војната на Блискиот Исток. Светската побарувачка ќе се зголеми оваа година за 970 илјади барели дневно, на вкупно 106,13 милиони барели дневно, процени ОПЕК во најновиот месечен извештај.
Пред еден месец, тие прогнозираа дека ќе се зголеми за 1,2 милиони барели дневно, на вкупно 106,33 милиони барели дневно. Лавовски дел од растот оваа година, од околу 910 илјади барели дневно, ќе го имаат азиските земји, првенствено Кина и Индија, и други економии во развој, каде што воздушниот сообраќај, потрошувачката на гориво во патиштата и индустриската активност продолжуваат да ја поддржуваат побарувачката за гориво.
ОПЕК проценува дека побарувачката кај членовите на ОЕЦД ќе се зголеми само за 60.000 барели дневно. За САД, тие предвидуваат зголемување на побарувачката од приближно 210 илјади барели дневно, додека во Европа очекуваат намалување од 60 илјади барели дневно. ОПЕК сега предвидува малку послаба побарувачка за нафта од производителите од групата и нивните сојузници оваа година, на 42,5 милиони барели дневно. Во 2027 година, таа треба да се зголеми за 43,5 милиони барели дневно и да биде малку повисока отколку што очекуваа досега.
Во мај, групата ОПЕК+ произведуваше просечно 33,13 милиони барели нафта дневно, според месечниот извештај, 190 илјади помалку отколку во април. Пресметките на ОПЕК, исто така, покажуваат значително зголемување на цената на барелите поради прекини во испораките од регионот на Персискиот Залив. Така, барел од кошничката за нафта на членовите на ОПЕК чинеше просечно 114,55 долари во мај и беше за 4,5 проценти поскап од априлскиот просек.
Најскапа во мај беше саудиската нафта од марката „Араб лајт“, со цена од 122,10 долари за барел, што е за 13,9 проценти повисока во однос на април. По неа следува ирачката „Басра медиум“, која чинеше 120,22 долари и беше поскапа за 10,9 проценти. „Иран хеви“ во мај во просек чинеше 115,39 долари за барел, што значи дека во споредба со април, цената порасна за 9,7 проценти.











