
Членовите на организацијата ОПЕК + во неделата најавија координирано намалување на производството на сурова нафта до крајот на 2023 година.
Потпретседателот на руската влада Александар Новак најави дека Русија до крајот на годината ќе го намали производството на нафта за 500 илјади барели дневно. Москва го објави ова во исто време кога Саудиска Арабија, Кувајт, Оман, Ирак и Обединетите Арапски Емирати најавија ограничувања на производството, сето тоа до крајот на оваа година.
„Со цел да дејствува како одговорен пазарен учесник и како мерка на претпазливост од понатамошна нестабилност на пазарот, Руската Федерација ќе спроведе доброволно намалување на производството од 500 илјади барели дневно до крајот на 2023 година“, најави Новак. Ова е втор пат Русија да го продолжи ограничувањето што го најави рускиот вицепремиер во февруари. На крајот на март Новак изјави дека Русија е блиску до целното производство од 9,5 милиони барели дневно.
Блумберг посочува дека одлуката за намалување на производството на нафта за еден милион барели дневно е изненадувачка и наведува дека ОПЕК + очигледно се откажува од претходните гаранции дека ќе ја одржи понудата стабилна за да го задржи мирниот пазар.
Во текстот на Блумберг се забележува и дека ова е значително намалување за пазарот и дека ќе ги зголеми инфлаторните притисоци ширум светот, принудувајќи ги централните банки да ги задржат каматните стапки повисоки подолго време и да го зголемат ризикот од рецесија.
Во неделата, Саудиска Арабија објави дека исто така го ограничува своето производство за 500.000 барели дневно, од мај до крајот на годината. Саудиското Министерство за енергетика нагласи дека ова е превентивна мерка за стабилизирање на нафтениот пазар.
Обединетите Арапски Емирати најавија намалување за 144 илјади, Алжир за 48 илјади, Ирак за 211 илјади, Кувајт за 128 илјади, а Оман за 40 илјади барели дневно, пренесуваат нивните агенции.
Казахстанското Министерство за енергетика во неделата објави дека ќе го намали производството за 78.000 барели дневно од мај до крајот на годината во координација со другите членки на ОПЕК +.
Фото: Pixabay











