ОПЕК предвидува забавување на растот на побарувачката на нафта во 2023 година

88

Растот на глобалната побарувачка на нафта ќе забави во 2023 година, бидејќи високите цени на „црното злато“ ја поттикнуваат инфлацијата и ја попречуваат глобалната економија, пишува Ројтерс, цитирајќи луѓе од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и индустриски извори.

Потрошувачката на гориво се опорави од падот предизвикан од пандемијата во 2020 година и оваа година треба да го надмине нивото од 2019 година, иако цените достигнуваат рекордни нивоа. Сепак, високите цени ги нагризуваат проекциите за глобалниот раст за 2022 година и ги зголемуваат очекувањата дека растот дополнително ќе забави во 2023 година.

ОПЕК треба официјално да ја објави својата прва прогноза за побарувачката на нафта за 2023 година во јули. Пазарите со нетрпение ги очекуваат нејзините проекции, заедно со прогнозата на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), за да проценат како би можела да се развие понатамошната производствена политика на ОПЕК.