Opel станува целосно електричен, Manta се враќа како електрично возило

18

Како дел од Stellantis’ EV Day настанот, Opel ја најави и својата стратегија за електрични автомобили за претстојната деценија.

Компанијата Opel станува целосно електричен бренд во Европа до 2028 година, а покрај тоа ќе го освојува и кинескиот пазар со своите електрични автомобили. Исто така, реосмислениот култен модел Manta ќе се врати на пазарот како ЕВ до средина на оваа деценија.

Планот на Opel беше презентиран од страна на извршниот директор на брендот Михаел Лохшелер. Од неодамна германската марка е дел од големото семејство на Stellantis, а со оглед на тоа ги сподели и своите планови за својата електрична стратегија.

“Opel ќе нуди исклучиво електрични автомобили на европскиот пазар од 2028 година. Ова ја нагласува посветеноста на брендот кон електричната мобилност“, истакна Лохшелер.

Германската марка исто така најави и враќање за реосмислената Manta како електричен автомбоил на пазарот. Opel неодамна го претстави концептот Manta GSe ElektroMOD Coupe, но за жал се чини дека најавената Manta E воопшто нема да изгледа како електричниот рестомод, туку продукцискиот модел ќе изгледа пофутуристички.

Многу веројатно автомобилот ќе биде базиран на една од новите платформи на Stellantis наменета за електрични автомобили, за која групацијата истакна дека ќе овозможи опсег на движење меѓу 500 и 800 километри. Opel исто така откри дека целосната постава ќе биде електрифицирана до одредено ниво до 2024 година.

Иако Opel јасно нагласи дека Manta E ќе биде претставена и ќе се произведува кон средината на оваа деценија, сепак не откри кога планира да започне со освојување на кинескиот пазар, ниту пак со која локална компанија ќе започне партнерство. Сепак, откриено е дека во Кина ќе продава исклучиво електрични возила. Оваа земја е најголемиот автомобилски пазар на светот, како и најголемиот пазар за ЕВ благодарение на атрактивните владини субвенции, со што ќе има исклучително значење во успехот на германската марка.

Преземено од Avtoplus.mk