ОПМ регистрирала најмногу жалби во врска со туристичките ангажмани

70

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) регистрирала стотина поплаки од потрошувачите во врска со туристичките патувања, а заклучно со јули, извршиле околу 900 советувања. Од нив околу 10% се поплаки што потрошувачите ги доставиле најмногу во периодот јуни и јули, а се однесуваат на туристички ангажмани.

Потрошувачите најмногу се жалеле на откажување на патувањата поради недоволен број патници. Според ОПМ најголемиот проблем во овие случаеви е процесот на враќање на уплатените пари.

Во рамки на Програмата за заштита на потрошувачи, ОПМ организира семинари, конференции, изработува брошури во печатена и електронска верзија, каде потрошувачите може да се информираат за своите права.

Организацијата на потрошувачи на Македонија најави и измени во законската регулатива, со што ќе се овозможи колективна тужба за поголема заштита на потрошувачите. Овој инструмент најмногу би нашол примена во случаи кога потрошувачите се оштетени со договори со нечесни клаузули во поглед на туристички патувања, договори за продажба вон деловни простории, онлајн продажба итн.

Фото: Pixabay